„Волшебна творба на природата, монументална скулптура во релјефот, кристално небо и езеро. Клима, надморска височина, питомост и драматичност на планинските силуети, секогаш пресликани во езерското огледало. Сонце, богатство на рефлексии, проѕирност на водата и воздухот, изгубеност на гласови во пространството, музика на тишината, фасцинантна игра на светлост и сенки… Пишуваме студии за изградбата во урбаните амбиенти со вредна стара архитектура. Објекти од различни епохи, контрасти во мерило, израз, материјал и функција, зборуваат со јазикот на своето време. Тие стојат едни до други во хармонија затоа што ги усогласила четвртата димензија. Постои ли ситуација на конфликт?… Наместо заклучок, поинтересно е да се постават неколку прашања: Дали може да се следи традицијата во услови на битно изменети социјални, техничко-технолошки и функционални аспекти на современиот живот? Што пропуштија да научат од историјата и од биологијата современите урбанисти и архитекти? Каков е современиот еквивалент на високовредната урбанистичка организација и архитектурата од минатото?“ – така, на една чувствителна тема за својот роден град, ќе напише доајенот на современата македонска архитектура, професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, великанот Борис Чипан, во својот текст „Охрид, прашање поставено на совеста на градителите“ објавен во списанието АРХИТЕКТУРА-УРБАНИЗАМ, бр. 64-65 (стр. 124-125, Белград, 1970 г.)
Црква Мал Св. Климент
Поглед од езеро кон стариот дел и Самоиловите тврдини
Се чини дека овој осврт на архитект Чипан никогаш не звучел поактуелно дури и пола век по објавувањето. Еден град природно се развива во континуитет и неговиот урбан развој е неминовен, но за град како Охрид кој влече историски континуитет од праисторија до денес, со археолошки сведоци од различни епохи, се поставува прашање, дали во современ контекст, под силната урбанизација што му се заканува, ќе успее да го зачува својот автентичен лик и да одолее на овој жесток наплив на микс од стилови и хаос? Како да го препознаеме и да го заштитиме, а притоа да се развива во современ град кој ќе функционира беспрекорно како еден жив организам, како што љубеше често да се изрази почитуваниот професор Борис Чипан.
Св. Јован Канео
Овие горливи теми и прашања, ги мачат не само архитектите туку секој граѓанин кој со душа го сака Охрид, кој го чувствува пулсот на времето кога шета низ неговите сокачиња, секој оној кој чувствува воодушевеност од природната уникатна езерска убавина, исто како што воодушевила цивилизации наназад. На оваа тема, честопати размислува и еден мој сограѓанин, господинот Ѓоко Симјаноски, еден од легендарните ликови на Охрид. Роден е во Скопје во 1947 година, средно техничко училиште (електро насока) завршил во Скопје, а Висока техничка школа (електро насока) завршил во Битола. Како електро инженер работел во ЕМО Охрид од 1971 до 1978 година, а продолжил во Завод за урбанизам и архитектура до пензионирањето во 2011 година. Освен во струката со голема љубов и преданост, како надворешен соработник работел во Радио Охрид, 32 години, а исто така и во Телевизија ТВМ Охрид, од 1996 до 2018 година, создавајќи околу 1000 емисии посветени на филмот. Автор е и на неколку документарни филмови, а активно се занимава и со сликарство. Досега има неколку самостојни и групни изложби, последната во Тетово кон крајот на мај оваа година, на кои беа изложени 45 слики изработени со сув пастел со мотиви од Охрид и од Тетово. Редовен учесник е на ликовната колонија „Трпејца“, пет години по ред. Исто така е член на Фото клуб Охрид веќе 10 години со активно учество на сите годишни изложби на клубот кои се одржуваат по повод патрониот празник на Охрид.
Сараишче
Неговата компететност стекната со работата во Заводот за урбанизам и архитектура во Охрид, како и љубовта кон фотографијата успева да ги спакува во вид на фотопаралели како споредбени прикази на фотографии од ист агол на истото место во минатото и во сегашноста. Овој серијал на фотоколажи објавен на групата „Охрид, Охрид убав мил“ е вистински времеплов, рефлектирајќи ги временските промени кои настануваат во урбаниот развој на Охрид, на одредени негови маркантни точки, сегменти или сокачиња во не така далечна временска рамка.
Поглед од плоштадот кај Чинарот кон црквата Св. Богородица Каменско
Фотографиите сведочат за различни ситуации, некои за објекти кои успеале да пркосат на бројни векови, други видоизменети, но со задржана симболика на охридската архитектура, а трети инкорпорирани како чир-ткиво до идентитетска непрепознатливост на местото. Фотоколажите се сведоци за згуснувањето на старото градско јадро, намалувањето на градското зеленило, видоизменувањето на каскадната поставеност на куќите (како една од карактеристиките на традиционалната македонска архитектура да обезбеди отворени визури за секоја куќа, инсолација и проветрување), губењето на складниот ритам што го имале градските силуети на сокаците во минатото, губењето на автентичниот препознатлив лик на изгледот на објектите, но и на структурата на старата охридска чаршија со неумешни миксови на доградби, материјали, тенди, паноа, кич естетика на светла и реклами со интензивни бои кои бодат очи и секакви други елементи кои го попречуваат визуелното доживување на чаршијата и сокаците со карактеристичната охридска архитектура.
Поранешниот хотел Парк и омилената семејна плажа со густи крошни
Претставени се и одредени маркантни објекти како хотел и ресторан Парк, кои не успеаја да опстанат под забот на профитот останувајќи само во меморијата на охриѓани, но и на бројните туристи кои со носталгичност се присетуваат на омиленото семејно збиралиште во летните денови, на големиот тревник, под сенките на густите крошни на дрвјата. За поттикот и инспирацијата за создавање на овие диптих фотоколажи, како и за пораките кои тие ги пренесуваат, господинот Симјаноски објаснува:
„Инспирацијата за серијалот на фотографии посветен на некогашниот и сегашниот Охрид, ја најдов во објавите на фотографии од стариот Охрид од повеќе членови на групата „Охрид, слики од минатото“.
Поглед кон старото градско јадро и градската библиотека која сега ја нема
Секогаш се трудам моите објави на Фејсбук со фотографии посветени на Охрид да имаат некоја приказна, некоја порака… Дојдов на идеја да направам нови фотографии од истото место на кое се направени старите фотографии. Ставајќи ги една до друга овозможив на секој оној кој ќе ги погледне да направи сопствена споредба на Охрид некогаш и денес.
Коментарите беа многубројни и мошне интересни. Некои се потсетија на некогашните времиња, на луѓето кои живееле тука, на тоа кога било подобро…
Охридската чаршија
Овој серијал од шеесетина споредбени фотографии го именував како „Враќање во иднината… исто место, различно време…“ Морам да споменам дека самиот наслов предизвика интерес, а неколкумина ми забележаа дека насловот требало да биде „Враќање во минатото…“, а не во иднината бидејќи таму сè уште не сме биле. Објаснив дека насловот го позајмив од филмската трилогија на Роберт Земекис „Враќање во иднината“ и тоа не случајно, од причина што иднината на старите фотографии не го донесе она што многумина го поскуваат денес, а тоа е зачувување на архитектонското наследство како препознатлив дел на Охрид.
Куќа на агол меѓу две улички во старото градско јадро
Се разбира, неминовна е промена и развој на еден град, но не и промени кои доведоа до непрепознатливост на делови од старото охридско јадро и на охридската чаршија. Ја разбирам потребата од употребата на нови материјали и нови архитектонски современи решенија. Но, не и во старото јадро на градот каде се употребени лимени покриви, пластични прозорци и врати, инвертори кои ја нагрдуваат фасадата на објектите или застаклени излози по старата чаршија кои ја заменија автентичната дрвена столарија.
Секако дека има и прекрасни примери на автентична реставрација на некои објекти, но и такви кои со својата неавтентичност го нагрдуваат она што вреди да се спомене.
Куќа на агол меѓу две сокачиња
Карактеристичен охридски сокак – кај Табана
Фасадите на објектите се посебна приказна. Како секој град во Македонија така и Охрид има стари објекти кои со својата архитектура претставуваат белег на едно време, а кои денес изгледаат грдо и беспомошно.
Дали Охрид го губи својот идентитет? За жал, да.
И токму сето ова беше причина за создавањето на овој споредбен серијал на фотографии со кои сакав да изразам своето неслагање со негрижата за Охрид и за неговото архитектонско наследство.
За жал, денес владеат сосема други законитости со кои наместо секој од нас да дава и придонесува за Охрид, ние сакаме што повеќе да земеме од него.“
Автор: Ивана ГРУПЧЕ, дипл. инж. арх.
Фотографии: Ѓоко СИМЈАНОСКИ
Поглед од охридското пристаниште кон стариот дел од градот
Поглед кон Самоиловата тврдина
Кај Охридска банка, почетокот на охридската чаршија