Во „Јавна Соба – Центар за дизајн и иновација“ отворена е изложбата на фотографии „Пристапност“, која ја организира амбасадата на Шведска.
„Пристапноста оди и потаму од рампи за инвалидски колички и здравствена нега. Во крајна линија, пристапноста има врска со демократијата, човековите права и ставовите. Секој треба да може да учествува во општеството со подеднакви услови!“, велат организаторите.
Во периодот до понеделник (7 декември) во „Јавна соба“ на улица „50-та Дивизија“ бр.22, Амбасадата на Шведска ќе го прикажува шведскиот дел од изложбата на фотографии на тема „Пристапност“.
Македонскиот дел од изложбата кој ќе вклучува фото-илустрации на животни приказни од нашето поднебје е во изработка и ќе биде прикажуван во вид на патувачка изложба низ Македонија во текот на 2016 година.