Самостојна изложба на фотографии на Ерина Богоева, насловена „Четири годишни времиња и малку љубов“, ќе се одржи во среда, во кафе-продавницата Wonderlust, лоцирана на улица „Македонија“ во центарот на Скопје.
„Човекот како неделив спој со природата на свој начин ги доживува нејзините различни промени низ циклусот на нашето поднебје како четири годишни времиња. На истиот начин и фотографот, и низ својата душа и низ својот објектив, ја овековечува симбиозата на промените во природата и своите чувства. Ако вашите спомени за годишните времиња се поклопат со окото на фотографот во одредената секвенца во која е создадена фотографијата, тогаш би било убаво тој спомен да можете да си го однесете дома или да го подарите некому. А љубовта… ? Што сѐ може да се каже за љубовта… ?! Но, во овој случај за неа проговорува уличната уметност со многу едноставен јазик, одново во вид на безвремен кадар во објективот на фотографот. И одново, прикажано на овој начин, таа љубов станува достапна до сите нас“, стои во најавата за настанот.
Изложбата, која ќе започне од 20 часот, е од продажен карактер.
Ерина Богоева е дипломиран филолог на катедрата по Англиски јазик и книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Скопје, Р.Македонија, и магистар по Филм, телевизија и екранска индустрија при Нотингам Универзитетот, Велика Британија. Таа, освен како фотограф, работи и како театарски продуцент.