Европската комисија распиша конкурс за фотографија на тема одржлив развој и одржливо производство на храна. На овој конкурс можат да се пријават млади на возраст од 15 до 25 години од целиот свет, кои треба да испратат една своја фотографија на зададената тема. Како што е наведено во условите на конкурсот, темата на натпреварот е врската помеѓу исхраната и трите аспекти на одржливиот развој (еколошки, социјален и економски).
Конкурсот е отворен до 10 април, а покрај фотографијата треба да се испрати и краток опис, но и да се опише контекстот во кој таа е создадена. Учесниците имаат право да ги промовираат своите фотографии, а со гласање преку социјалните мрежи ќе бидат одбрани шест победници, по еден од секој континент. Победниците ќе учествуваат на манифестацијата „Денови на европскиот развој“, која ќе се одржи на 3 и 4 јуни во Брисел. Авторот на победничката фотографија ќе добие и парична награда, а ќе биде поканет и на изложбата во Милано насловена „Да се нахрани планетата, да се даде енергија за живот“.