Еко-свест објавува фото конкурс на тема „Природата е секси“, во кој може да учествуваат сите фотографии кои ќе покажат дека нашата природа е убава, забавна и уникатна.
Креативните фотографии кои од единствениот биодиверзитет и видови во земјата ќе направат приказна, треба да се објават на Instagram, Facebook или Twitter со хаштаг #ПриродатаЕСекси #NatureIsSexy , како и да се испратат на [email protected].
Од пристигнатите фотографии десет ќе бидат наградени со пакетчиња од Еко-свест, а сите фотографии ќе бидат изложени на „Природата Е Секси“, неделата на еко-активности, во хотел Метропол во Охрид, во организација на Еко-свест, која ќе се одржи на крајот на јули.
По повод Денот на езерото 21 јуни, тим експерти од различни области ќе изработат студија која треба да понуди идејно решение на потегот од Охрид до Св. Наум за велосипедска патека, автобуски и бродски транспорт на соларна енергија и одржливо урбано планирање на Охрид.
Студијата ќе биде презентирана пред јавноста наесен, а реализацијата на ова решение ќе биде висок приоритет на кандидатите за градоначалник на општина Охрид.
Експертите што треба да ја изработат оваа студија се ангажирани од невладината организација Еко-свест, од каде велат дека „одржливиот развој на нашите најскапоцени заштитени подрачја е единствениот пат по кој нашата држава може да овозможи климатски отпорни заедници и локален економски развој со придобивки за сите граѓани во Македонија“.