Реномираното архитектонско биро Foster + Partners објави проект за облакодер, кој го искористува зголемениот лимит на висините на зградите во Мајами на Флорида.
Поради непосредна близина на аеродромот, висината на зградите во Мајами е строго ограничена. Сепак, Федералната администрација за авијација (FAA) неодамна ја подигна висинската граница, па токму проектот на Норман Фостер ќе биде првата повеќекатница која ќе ги искористи овие федерални измени за градење. Всушност, тоа ќе бидат две згради налик на срушените „близначки“ во Њујорк.
Двата поврзани облакодери, со планирана висина од 320 метри, ќе имаат 660 станбени единици, што е 16% помалку од првично планираните 787.
Објектот ќе има подземни паркинзи, што ќе овозможи непосредната околина да се користи за јавни содржини, пишува Dezeen.
„Проектот за овие високи згради вклучува формирање и на плоштад со продавници, ресторани и галерии кои ќе бидат користени од страна на станарите и локалните жители на градот“, истакна познатиот архитект Норман Фостер.
Со оглед на тоа, развојниот тим неодамна поднесе барање за измена на досегашниот проект за кој е издадена дозволата, датумот на започнување на работите, како и завршувањето, се уште не е познат.