Во Европа цените на енергентите нагло пораснаа поради прекинот во снабдувањето од Русија, изјавила претседателката на Европската комисија на Светскиот економски форум во Давос. Фон дер Лајен истакнала дека до 2022 година, Европа добивала 45% од природниот гас и 50% од јагленот од Русија, а Москва е меѓу најголемите снабдувачи на континентот со нафта. „Оваа енергија беше ефтина, но не изложуваше на уцени“, рекла претседателката на Европската Комисија.
Од почетокот на војната, увозот на гас од Русија паднал за 75%, додека увозот на нафта сега е само 3%. Фон дер Лајен признала дека „загубата“ на руските енергенти сериозно ја влошила енергетската криза. „Слободата има своја цена. Домаќинствата и економијата имаа големи трошоци за енергија“, додала таа.
ЕУ и воведе сеопфатни санкции на Русија, таргетирајќи ја нејзината економија, особено енергетиката и финансискиот сектор. Во 2022 година, Русија ја прекина испораката на гас во Германија преку гасоводот „Северен ток 1“, наведувајќи го како причина тековното одржување и проблеми со испорака на опрема за одржување од западните земји поради санкциите. Во септември 2022 година, извршена е саботажа на двата гасоводи „Северен ток“ во Балтичкото море. Иако никој не презеде одговорност, Москва тврдеше дека зад нападот стојат САД и Велика Британија. Но, и Лондон и Вашингтон негираа било каква поврзаност со инцидентот.
Во својот говор во Давос, претседателката на Европската Комисија рекла дека ЕУ би можела да го замени снабдувањето од Русија со енергија од обновливи извори и нуклеарна енергија. Од друга страна, Унгарија и Словачка, се почесто го прозиваат Брисел да ја преиспита својата политика на санкции и бараат дипломатско решение за судирот во Украина.