Германскиот производител на автомобили „Фолксваген“ ќе им понуди на работниците амнестија од можни откази, ако откријат што знаат за манипулациите со емисијата на штетни гасови од дизел моторите, пишува „Suddeutsche Zeitung“. Компанијата ја донесе оваа одлука бидејќи e под притисок да излезе со конкретни резултати пред американските власти, пишува весникот. „Фолксваген“ соопшти дека ја ангажирале компанијата „Deloitte“ и американската адвокатска компанија „Џонс Деј“ да истражат под кои околности германската компанија го инсталирала софтверот во возилата со дизел мотори, кои ги менувале податоците за емисија на штетни гасови.
Германската компанија ќе им вети на работниците дека ќе останат на своите работни места и ќе бидат иземени од исплата на надомест на штета, ако понудат информации за овој скандал, пишува весникот, додавајќи дека од оваа шема се исклучени членовите на управните одбори и добро платените менаџери на „Фолксваген“.