Името Лизе Мајтнер (1878 – 1968), веројатно на многумина не им значи ништо. Но, станува збор за една од најголемите научници на 20-тиот век, која направила значајни откритија во областа на нуклеарната фисија, и на која ѝ е направена голема неправда со недоделување на најпрестижната светска награда за физика. Дваесеттиот век носи вистинска ренесанса на полето на физиката.
Од денешна дистанца звучи навистина неверојатен фактот, дека во 1891 година кога познатата Марија Кири се запишала на студиите по математика, физика и хемија во Сорбона, физиката не била атрактивна студиска група на Универзитетот бидејќи се сметало дека сите значајни откритија во оваа област се веќе зад нас. Но, само малку подоцна се појавува квантната физика или квантната механика, а останатото е историја. Дваесеттиот век го одбележуваат и најголемите откритија на подрачјето на структурата на атомите. Кога во 1938 година, се објавени пресметките на Лизе Мајтнер и Ото Хан за количината на енергија која се ослободува при нуклеарната фисија, јасно било дека станува збор за епохално откритие. Тие ја откриле нуклеарната фисија, но само еден подоцна ќе добие Нобелова награда за ова откритие. Рецептот за атомската бомба е тука. Седум научници пишуваат апел до министерот за војна на САД, со барање таква бомба никогаш да не се направи, бидејќи ако ја направи една земја, ќе успеат и други. Но, ова барање не е прифатено, а на крајот на Втората светска војна, светот го виде најразорното оружје направено од човекот.
Тогаш, името на Лизе Мајтнер доаѓа на првите страници на американските весници, а некои ја нарекуваат „мајка на атомската бомба“, што е сосема во спротивност со нејзината научна идеја. Сепак, останува во историјата како жена на која ѝ е направена огромна неправда. Имено, во 1944 година Нобеловата награда по хемија му е доделена само на нејзиниот соработник Ото Хан, со кого заедно ја откриле фисијата. Во 1945 година наградата не можела да му се додели бидејќи лауреатот бил во заточеништво. Но, кога во 1946 година церемонијата се одржува, претседателот на Нобеловиот комитет, професорот Арне Вестгрин во својот воведен говор истакнува дека Хан на проблемот на нуклеарната фисија работел заедно со Лизе Мајтнер во периодот од 1935 до 1938 година. Дел од паричната награда, Хан сепак ја поделил со Мајтнер, која овие средства ги уплатила на сметката на Ајнштајновиот комитет за борба против нуклеарното вооружување.
Но, која навистина била Мајтнер? Нејзината биографија била блескава од перспектива на научник, но и од перспектива на жена која се борела во машки свет. На Меѓународниот научен симпозиум „Наука и слобода“ одржан во 1953 година во Хамбург, Лизе Мајтнер е единствената жена член на Почесниот комитет, рамо до рамо со Шемс Франк, Макс фон Лауе, Роберт Опенхајмер и Бертранд Расел. Тогашна Сојузна Република Германија во 1957 година ја одликува со орден за заслуги во науката Pour le Merite, а на свои осумдесет години учествувала на Втората меѓународна конференција на Обединетите нации за мирновременско користење на атомската енергија. Сосема е извесно дека до крајот на својот живот таа се залагала и верувала дека трката во атомското вооружување може да се заврши.
Особено ѝ пречело што како врвен домет во нејзиното истражување се прокламираат пресметките поврзани со атомската фисија, додека нејзините трудови кои се исто така извонредно важни, останале во сенка на нуклеарната енергија. Станува збор за истражувања за влијанието на алфа и бета-зраците на другите материјали, но и откривањето на нови хемиски елементи. Несомнено, и самата нуклеарна фисија е основата на која се базира нуклеарната енергетика.
Родена во Виена во 1878 година, како трето од осум деца во семејство на либерални родители, каде татко ѝ бил адвокат од еврејско потекло. Благодарение на нејзините либерални родители, Мајтнер рано извлекла корист од олеснувањата за школување на жени во Австрија. Па така била една од првите жени, која во 1901 година се запишала на Универзитетот во Виена. Студирала физика кај Лудвиг Болцмана, а веќе во 1905 година, на само дваесет и седум години, се стекнала со докторат на Виенскиот универзитет.
Потоа заминува во Берлин каде почнува да работи со Макс Планк и со хемичарот Ото Хан на Институтот Кајзер Вилхелм. Академската клима во Германија била поконзервативна од онаа во Австрија. Мајтнер наишла на голем отпор на предоминантно машката истражувачка заедница. Поради тоа долго работела на Институтот, без официјално поставување и без плата. Лиза била мошне трпелива во своето напредување низ академските кругови, објавувала текстови и покрај тоа што нејзините истражувања рано добиле репутација на исклучително релевантни, нејзиното прифаќање во академската заедница се одвивало бавно. Но, конечно во 1926 година станува редовен професор на Универзитетот во Берлин и е прва жена во Германија која е избрана за ова звање.
Лиза Мајтнер била шеф на Одделот за физика на Кајзер Вилхелм, сè до 1938, кога си заминува под налетот на нацизмот. Заминува во Шведска каде живеела долги години, но никогаш не ја прифатила како своја земја. Во 1960 година оди во Кембриџ, Велика Британија, каде живее нејзиниот внук од сестра Ото Роберт Фриш, со кого стануваат соработници. Фриш исто така има значајни откритија во полето на нуклеарната физика. И натаму ги следела новите достигнувања во својата област, но често знаела да каже: „Некогаш Ото Фриш беше внук на Лизе Мајтнер, а сега Лизе Мајтнер е тетката на Ото Фриш“.
Во 1963 година, таа е повикана во Виена од страна на директорот на Меѓународната агенција за нуклеарна физика, да зборува за својот живот. Нејзината приказна излегува под насловот „Лизе Мајтнер – поглед наназад“. Потоа, се бори со бројни здравствени проблеми – инфаркт и неколку мозочни удари, а умира во 1968 година во Кембриџ, Велика Британија. На нејзината надгробна плоча пишува: „Овде лежи физичарката која никогаш не ја изгубила хуманоста“. Подигнат е и нејзин споменик во дворот на познатиот Хумболт Универзитет во Берлин.
И покрај тоа што не се закитила со Нобел, таа во текот на својот живот добила бројни признанија за својата работа. Била редовен член на Академијата на науки на Шведска, Данска, САД и дописен член на австриската и германската Академија на науки. Почесен доктор на четири американски универзитети, и многу други признанија меѓу кои и избор за Почесен граѓанин на Виена. Во Периодниот систем на елементите, елементот под број 109, наречен е мајтнериум во 1992 година. Од 2008 година, германското и австриското Друштво за физика го организираат секоја година симпозиумот „Лизе Мајтнер“ во нејзина чест, а Европското здружение за физика ја вовело наградата „Лизе Мајтнер“ за остварувања во атомската физика. Во 2015, постхумно е избрана за член на Американското друштво на физичари.
Не е Лизе Мајтнер единствената која за своите успеси во науката не ја добила Нобеловата награда, но веројатно е единствената која била номинирана 48 пати (29 пати за физика и 19 пати за хемија). И денес, постојат недоумици за вистинските причини, но општо е мислењето дека ѝ е направена неправда. Многумина се повикуваат и на фактот дека таа била дискриминирана бидејќи била жена. И навистина, без намера овој текст да звучи претенциозно, иако за прв пат воспоставена во 1901, Нобеловата награда за физика досега ја добиле само три жени: Марија Кири во 1903, Марија Геперт Мејер во 1963 и Дона Стрикланд во 2018. Патот го поплочила Марија Кири, а за тоа има големи заслуги нејзиниот сопруг кој јасно ѝ ставил до знаење на Академијата, дека за откривањето на радиоактивноста сопружниците се подеднакво заслужни. Подоцна, својата научна ингениозност Кири ќе ја потврди со својата прва самостојна Нобелова награда во 1911, овој пат во областа на хемијата.