„Физибилити анализа на можностите за намалување на ризикот од поплави во Скопскиот регион“ е насловот на студијата која Град Скопје ја изработи во соработка со УНДП, а која денеска беше презентирана пред јавноста.
На презентацијата на овој значаен документ присуствуваа Претседателот на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, како и претставнци од скопските општини, јавните градски претпријатија, министерствата и научните институции, невладини организации и граѓани.
– Градот Скопје почнува нова пракса во начинот на работењето, во смисла на споделување на резултатите од научните студии со јавноста. Скопје е град за кој природните катастрофи не се непознати, а дел од нив се последица и на климатските промени, предизвикани од човечкиот фактор. Токму затоа, како вовед во денешнава презентација сакам да потенцирам дека Градот Скопје и УНДП во декември 2014 година почнаа заедничка реализација на проектот за зголемување на урбаната отпорност на природни катастрофи и климатски промени, со примена на информатичка технологија, кој се уште е активен. Резултатите од проектот се воочливи, високо котирани и се многу важни за Градот Скопје – рече пред присутните Љубица Јанчева, претседателот на Советот на Град Скопје.
Постојаниот претставник на УНДП, Луиза Винтон, објасни дека темата со поплавите кај нас стана особено актуелна по поплавите во 2015 година и по минатогодишната поплава во Скопје. Според Винтон, систематски треба да се работи на намалување на ризиците од поплавите имајќи го предвид пред сè доброто и безбедноста на луѓето зашто алармот од климатските промени е веќе вклучен.