Поради пандемијата, угостителите во Фиренца се вратија на средновековното послужување вино преку прозорец. Многумина оваа долгогодишна традиција типична за Тоскана ја доживуваат за прв пат. Креативните сопственици на ресторани и барови нашле начин да го одржат своето работење, но и духот на градот. Здружението “Вински прозорци на Фиренца“ вели дека мноштво вински прозорци ширум градот сега се отворени, и служат вино, но и кафе и други пијалоци. Овие прозорци некогаш се користеле за продажба на вишокот на вино на населениео од пониската класа. Иако многу од некогашните вакви прозорци пропаднале, сепак денес сеуште постојат околу 150, и тоа само внатре во ѕидините на Фиренца, а во регионот се многу повеќе. Сега некои од нив се повторно отворени и овозможуваат послужување на социјално прифатлив начин, односно со задолжителната дистанца.
Интересно е дека ова не е прв пат Италијаните да ги користат овие прозорци за запирање на ширење на зараза. Додека во 1630 година низ Италија пустошела чумата, продавачите на вино ја разбирале важноста на изолацијата, па овие прозорци и тогаш биле користени. Наместо директно да ги земаат парите од купувачите, тие пружале метална лажица која редовно ја дезинфицирале со оцет.