Железничка композиција за чистење пруги од снег, која стигна од Русија, ги воодушеви жителите на Финска, каде речиси 6.000 километари железничка пруга во зима обично се чистат со помош на трактори и багери.
„Руските железници ќе ја тестираат тешката зимска опрема на финската железничка мрежа во февруари. Специјалниот воз за чистење снег стигна на местото на тестирањето. Целта на експериментот е да се утврди дали опремата може да се користити за подобрување на одржувањето на железниците во Финска“, вели претставникот на Агенцијата за транспортна инфраструктура на Финска, Марку Нумелин.
Руската железничка машина за чистење снег СМ-7, Финците ја карактеризирале како „воз кој јаде снег, на кој му нема рамен на светот“. Споредувајќи ја со останатите чистачи на железнички пруги во светот, заклучиле дека не постои поеколошки, почист и поефикасен начин за отстранување на снегот од пругите, пишува Ilta Sanomat.
Возот ќе биде тестиран на северот на Финска, каде во моментов паднала максимална количина снег за оваа сезона.
Нумелин додал дека е планирано во тек на тестирањето особено внимание да се обрне на безбедноста и адекватноста на оваа опрема за финската железничка мрежа. Финска ќе го набави овој вид на техника, ако тестирањето биде успешно, додава тој.