Со поставувањето на системот за отпрашување во фабриката за производство на феролегури Југохром од Јегуновце за 99,5 отсто ќе се намали загадувањето на воздухот. Фабриката започна со имплементација на проектот со кој се предвидува изградба на филтер станици за прочистување на издувните гасови од производството.
Консултатнот од италијанската компанија „Интерсил“, која ќе ги поставува филтрите, а досега поставиле филтри на околу 60 фабрики низ светот, Франсоа Шмит, истакна дека по поставувањето на филтрите од оџаците на фабриката нема да се гледа никаков чад и никаква прашина.
„Моментално се работи на системите за отпрашување на двете најголеми печки кои претставуваат скоро 50 отсто од целиот капацитет. Се очекува филтерот на овие две печки да биде монтиран до крајот на годината, а останатите до крајниот рок 31 октомври идната година“, уверуваат одгворните во комбинатот.
Подготовката околу поставувањето на филтрите во Југохром, според инженерот по металургија Бошко Ников, е најголемиот чекор бидејќи се работи за двете најголеми печки кои претставуваат половина од вкупниот капацитет на фабриката и со тоа, нагласи тој, може да се очекува барем половина од штетните честички кои се емитираат во воздухот да бидат намалени.
Југохром моментално брои околу 1.100 вработени и произведува феросилициум, легура која главно се користи како суровина во челичната индустрија. Фабриката учествува со два проценти во БДП на земјава и седум отсто во извозот од металопреработувачката индустрија.