Приказната за бродот Berge Istra кој бил најголем успех на самоуправниот социјализам, и кој мистериозно исчезнал во Тихиот Океан, се најде на филмското платно. Станува збор за хрватски документарен филм во режија на Дражен Мајиќ, кој се потпишува и зад сценариото заедно со Зоран Ангелески. Филмот ја имаше својата хрватска премиера пред полниот капацитет на аудиториумот на пулска Арена, минатата недела.
Бродот бил изграден во пулското бродоградилиште „Уљаник“ во 1972 година. Тоа бил најголемиот брод на светот во тоа време – подвиг на самоуправниот социјализам. Три години по пуштањето во сообраќај, тој мистериозно исчезнал во водите на Тихиот океан. Berge Istra бил брод во сопственост на норвешката компанија Bergesen, регистриран во Либерија. Припаѓал на класата комбинирани бродови за превоз на нафта, течни горива и руда (ore-bulk-oil carrier, OBO carrier). На своето последно патување бродот испловил од Tubarão во Бразил кон Јапонија, превезувајќи железна руда, кога на 30-ти ноември 1975 одеднаш е изгубен контакт со пловилото во близина на Филипини. Била покрената дотогаш најголема поморска истрага, а после дваесет дена бродот е прогласен за исчезнат, и исплатена е најголемата оштета во историјата. Животот го загубиле 30 членови на екипажот, а само двајца шпански државјани успеале да преживеат. До денешен ден, компанијата не ја обелоденила причината за несреќата. Сепак најверојатна е теоријата според која причината е експлозија од остатоци на нафта во товарниот оддел наполнет со руда. По оваа несреќа, никогаш повеќе не се граделе комбинирани бродови, а нафтата никогаш повеќе не се превезува заедно со руда.
Низ интимни приказни на сведоци, разговори со градителите на бродот и семејствата на жртвите, и користејќи досега необјавуван архивски материјал, се истражува тајната на исчезнувањето на југословенскиот „Титаник“, една од најголемите тајни во поморската историја.