Филип Конески, основач и уредник на МАРХ е роден во Скопје 1987 година. Дипломира на Архитектонскиот факултет во Скопје при УКИМ, на тема „Институт за конзервација и реставрација“. На АФС го брани магистерскиот труд со теза „Враќање на животот во кастелите и утврдувањата во Македонија, преку интегрирање на современи функции и контекст во општеството“. Во неговите работни искуства се вклучени архитектонски, занаетчиски и уметнички студија. Покрај основањето на МАРХ и менаџирањето на страната, останатото време го посветува на повеќе области во полето на творештвото, додека во матичната сфера (архитектура) се стекнува со самостојни и групни награди на домашни и меѓународни конкурси.
Заедно со тим добитник е на прва награда на идејно решение на објектот „Езерце“ во Градскиот парк Скопје, освојува со тим и прва награда на конкурсот за Луна парк, прва награда за Рекреативна патека со содржини во населба Илинден, селекција во последен круг на елиминации (топ 20) на меѓународен повик од Институтот за напредна архитектура во Каталонија помеѓу 400 проекти од цел свет, трето место на меѓународен повик за напредна архитектура во Тајланд итн.
Од признанијата вредно е да се спомене Големата годишна награда за 2021 година за објектот „Детска градинка Волково“, Општина Ѓорче Петров, Скопје. Тековно е дел од Одделението на архитекти при Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија, како делегат и дел од уредничкиот одбор на списанието Пресинг.
*Порта 3 ви го честита значајниот јубилеј 10 години МАРХ и ви се заблагодарува за признанието за особен придонес кон афирмацијата на македонската архитектура што ни го доделивте на роденденот. Важно ни е, и ни претставувува особена чест што е токму од МАРХ.
Помнам како да беше вчера кога прв пат Ве запознав, кога пред 10 години полни со младешки ентузијазам го формиавте МАРХ. Си помислив колку е идејата убава и благородна, но морам да признаам, поради случувањата во архитектурата си помислив и дека ќе трае кратко, дека ќе се откажете брзо, а ентузијазмот ќе спласне кога ќе се судрите со состојбите. Како успеавте да издржите? Имавте ли кризи и дилеми?
Го помнам и јас нашето запознавање, тогаш Вие бевте претседател на Асоцијацијата на архитекти на Македонија. Побарав дозвола да ги користиме материјалите од изданијата на Бимас, на што навистина позитивно реагиравте, што значеше првата подадена рака од некого. Верувајте на почетокот имаше многу скептици, што ме насочи да го започнам така како умеам МАРХ, да ја докажам искрената мисла и намера, а откако ќе се случи тоа, да се обратам повторно. МАРХ е ентузијастички феномен во Македонија и како таков навистина одзема многу време и енергија. Сепак многумина доживеаја искажување почит на нивниот лик и дело, им беше даден простор, многумина добија поттик и поддршка, бесплатана промоција. Нивната почит и чувство на важност, нас ни создава задоволство дека сме завршиле нешто што општеството не го чинеше, па во име на општествената одговорност покажавме достојна почит. Тоа не значи дека беше лесно, особено за мене, многу ризици постоеја од јавното говорење, и многу штета по мојата приватна работа како архитект, бидејќи не сум компатибилен за многу студија да бидам вработен – не дозволувам учество во сомнителни проекти и игри со бизнис-заедницата која му наштетува на градот. Да се издржи воопшто не е лесно, времето што колегите го посветија на создавање свој бизнис и приватни студија (а времето е најскапиот и неповратен ресурс) го посветив на општествено одговорна мисија. Имаше периоди на секојдневни искушенија кои ве тераат да се откажете, но пркосот да се движи напред со веќе вложениот труд, не ве остава мирен да оставите залудно нешто кое почна да значи на македонското општество, бар во делот на нашата професија.
Дилемите и кризите и денес постојат, бидејќи концептот мора да стане финансиски одржлив. Се надевам дека конечно македонските компании и студија го гледаат бенефитот од нашето постоење и ќе нè подржат во делот на спонзорствата, за кои отстапуваме простор за паметен маркетинг.
Велите дека МАРХ е резултат на студентски крик, дека проектот Скопје 2014 создал потреба од еден портал како МАРХ кој ќе ја едуцира пошироката јавност. Еве сме 10 години по 2014, проектот опстојува, впечатокот е дека со тоа веќе никој не се занимава. Ќе ни остане ли додека издржат објектите, а и потоа?
Да МАРХ е токму тоа, јас сум дел од студентската генерација која беше брутално разбиена, но и делумно искористена од одредени политички активисти. Јас многу брзо со доминантиот број на колеги го напуштивме тој круг и се одлучивме да делуваме под псевдоними, бидејќи во таа борба ни недостасуваше издвоеното и самостојно делување на младите архитекти без товарот на другите. Но и тоа набргу заврши каде повторно останав сам ентузијаст во ставот дека мора да продолжи борбата. МАРХ беше дел од еден поголем проект наречен „Македонски автори“ кој опфаќаше и други сфери од културата на Македонија, како што е индустриски дизајн, уметност, музика, графички дизајн итн. Но проектот не доби поддршка од никој, па се сконцентрирав само на еден сегмент во кој имав најмногу можност да почнам да делувам самостојно на почетокот. Помирувањето со поразот на општеството во неговата незрелост и незнаење за домашната архитектура, ме насочи на долгорочна мисија, достапност на податоци и едукација за пошироката јавност, особено на интелегенцијата од другите сфери на општеството и оние кои навистина се желни да се надградат со одредено знаење за македонската архитектонска сцена.
Проектот Скопје 2014 е дел веќе од матрицата на градот и некои од објектите се дел од животот повеќе од 15 години. Не можете да го игнорирате тоа присуство, ниту ова општество може да ја прифати лесно комплексноста на неговото брзо исчезнување. Тој проект не е само архитектура и урбанизам, има многу повеќе и со тоа луѓето на различен начин одредуваат степен на приоритет кога сакаат да го вреднуваат или деградираат. Архитектонската фела не говореше на почетокот за другите можни форми за современ јазик на одбележување на нацијата преку архитектонско- урбанистички и уметнички делувања и со тоа изгубија потенцијално учество на масата со „големите“ што одлучуваат. Ниту беа соодветно организирани за да го следат она што студентите го почнаа, сите, професорите, архитекти и урбанистите да излезат на еден сплотен и организиран протест со ултиматум до власта. Тоа требаше да се случи уште следниот ден по прогонот на студентите.
Македонија е финансиски немоќна држава за брзи делувања, затоа мора да има стратегија за тоа како понатаму. Овој проект беше под патронат на државата и истиот може да се ревидира само со државна поткрепа, но со учество на сите чинители во процесот и особено со архитектонската фела преку факултетите, асоцијацијата, комората итн. Имавме еден период на издишување, што е нормален процес по толку долг и напорен отпор на дел од фелата, се троши енергијата, се троши силата и капацитетот. Батериите полека се полнат, но еве по 10 години од неговото фиктивно завршување, бидејќи сè уште се реализираат проекти од истиот, време е да се отвори здраворазумна дискусија – што направивме, како понатаму? Целосно негово исчезнување сигурен сум дека нема да се случи, но да видиме што можемe и како да се интегрира дел од него, кој веќе сакале или не, е дел од историјата на градот.
Прославата 10 години МАРХ започна со отворање на изложбата „Македонска архитектура 1974-2024“, што гледаме денес, а што кога ќе се вратиме 50 години наназад?
Изложбата беше одговор на истоимената изложба која се случила во 1974 година година, која го обработила периодот дотогаш. Таа „Македонска архитектура“ покажува еден историски континиум со дотогаш современата архитектура на 70-тите, кога е златниот период на домашната сцена. Оваа година кога МАРХ прославува 10 години, се одбележуваа и 50 години од реализирањето на оваа изложба, со што магично се поклопија временските интервали за да направиме надоврзување. Одлучивме да ги испечатиме сите 63 фотографии од стариот каталог и да продолжиме со нови 64 фотографии со кои правиме пресек на последните 50 години од македонската архитектура. Така низ вкупно 137 фотографии, го претставивме пресекот на 80 години современа македонска архитектура и нејзиниот претходен историски континуитет. На овој начин низ селекција се истакнува зрелиот дел од сцената, која ја одбележува македонската архитектура и нејзината историја. Како прилог во каталогот го следевме тоа што постоеше и во стариот, приложени текстови на едни од најеминентните архитекти на македонската сцена, повторувајќи ги како пракса и во новиот каталог. Така шест македонски архитекти и урбанисти посветија текст на македонската архитектура од 1974 до 2024 година. Тоа што го гледаме низ оваа селекција е сепак зрелост и пркос, но што гледаме вон изложбата е реалноста за целата слика. Пред 50 години, општата слика покажува уметнички дострели во архитектурата што говори за додадена вредност над техничката, додека денес за да ја добиеме добрата слика, ставаме сè во сито, и од купот излегува и по нешто добро. Неспоредливи периоди, но мораме да го избистриме погледот и да ја потврдиме добрата и позитивната пракса како пример на кој ќе се повикуваме понатаму.
Во каталогот „Македонска архитектура 1974-2024“, нашата соработничка, архитект Душанка Шуловиќ вели дека имаме многу сериозни проблеми, а сè уште талкаме по вистински урбанистички и архитектонски решенија. Зошто талкаме?
Талкаме бидејќи не знаеме што сакаме како општество. Велиме сакаме промени, но како ќе ги направиме? Како никогаш досега е потребно обединување и внатрешна стратегија на архитектите и урбанистите. Постојано се правдаме со легислативата и законите, наместо да почнеме со една визија. Конкретно говорам за Скопје, од каде македонското општество потоа препишува. Мора да застанеме тука, според мене со еден специјален закон, кој треба да се донесе веднаш. Сите тековни детални планови без разлика на нивното настанување, да добијат рок на истекување во следните две години. Што е предлогот? Во тие две години за Скопје да се распише меѓународен конкурс за визија, кој ќе биде ослободен од стегите на сите планови, вклучувајќи го и ГУП-от. Да се вреднуваат дел од тие визии, и потоа да се создаде тим, кој детално ќе го обмисли планот за градот. Оттука да следува задолжителна адаптација на сите детални планови според оваа визија. Мора да престанеме со слугувањето на инвеститорите чии патишта се далеку од транспарентни и чисти. Целиот принцип на бизнисот оди обратно. Што им треба на инвеститорите тоа правиме, наместо што му треба на општеството, па оттука да ги бараме инвеститорите?!
Талкаме бидејќи урбанизмот е децентрализиран и поделен на партиските кланови, додека некои од границите на општините во Скопје се целосно вештачки и политички, наместо логични. Како е возможно чаршијата и делот на Саат кулата да не биде дел од центарот на Скопје? Неговиот историски и тековен центар на развој повеќе од 15 векови е разбиен за да се задоволат веќе измачувачките етничкo-политички игри во Македонија. Зрелоста не се постигнува и после толку години трошење на енергија. На функционалните прашања секогаш им се даваат злоупотребени тапети, кои потоа ја отргнуваат јавноста од решението.
Сметам дека треба да се иницира и совет кој ќе ги обедини сите страни во професијата, кој ќе бара средби со владата, и ќе понуди вистински решенија. Мораме да бараме поинаку да се финансираат општините, и да се одбегне полнењето на буџетите преку плаќањето на комуналиите. Да се состанеме, да се договориме и да седнеме со „големите“ со конкретни барања и со паметна стратегија. Сè поинаку повторно ќе биде борба со непознат правец и талкање, бидејќи не знаеме што сакаме. Кога одите на пат, најпрво размислувате на дестинацијата, а потоа ги гледате сите возможни опции за превоз и патишта.
На прославата се одржа и промоција на книгата „Артемушкин и Скопје“ на авторите Ноеми Чаусидис и Мартин Ефремовски, како дел од дејноста на МАРХ. Несомнено руските архитекти донеле еден градски дух во Скопје и благодарение на нив почнал да поприма градски лик. Умееме ли денес да го почитуваме нивното наследство и да се грижиме и ги одржуваме овие објекти?
Скопје сè до неговото спалување во XVII век од страна на Пиколомини е вистински центар на Балканот во континуитет од најмалку 1000 години. Град крстосница, и метропола за тоа време, престолнина на повеќе кралства, место на пресретнување на Истокот и Западот, каде трговците разменувале добра. По тоа разрушување навистина Скопје исчезнало по рангот на значење и борбата траела повеќе од 200 години за да се подигне и да застане повторно на нозе (Скопје е феникс отсекогаш). На почетокот на XX век, Скопје се буди и влегува во поголема европеизација, која доживува локална „ренесанса“ меѓу двете светски војни, но да не заборавиме тоа е природен тек, работите почнале да се менуваат и кон крајот на XIX век. Во тој меѓувоен период се појавуваат и руските архитекти, кои придонесуваат со својата работа и исксутво во градењето на градот. Наследството кое го оставиле, во мали сегменти денес опстојува. Дали се грижиме е едно прашање кое по самиот тон го кажува и одговорот – не! Скопје нема евалуација на историските градби особено од овој период за кој велиме „старо Скопје“. Не постои соодветна заштита ниту рангирање. На еден куп на објекти им е тргната заштитата. Дебар Маало од архитектонски амбиентален простор каде имаме лепеза на наслество од сите стилови и влијанија изминатите 100 години, секојдневно го губиме. Кога говориме поконкретно, да погледнеме кон Арапската куќа и хотелот Бристол. Ретки примери преживеани во градот, со намена – хотел. Во Скопје последниве 15 години има експанзија и изградба на многу нови објекти со оваа функција. Токму овие објекти можат да понудат нешто различно, преку нивниот стил и можности за соодветно ентериерно уредување, а со тоа и бренд. Но кому да му текне? Сега треба да чекаме, инвеститорите да бидат со повисоко морално и етичко однесување и поотворени за јавно советување, наместо да им биде наметнат правецот преку закони уште пред да влезат во некаква сопственост на јавно добро и културно наследство.
МАРХ низ годините потенцираше приоритетни проблеми во градот и поттикнуваше дискусии низ различни иницијативи. Ја актуализиравте темата Расадник, апелиравте на внимателно градење на локалитетот „Треска“, говоревте за можностите на магацините „Славија“ во Кисела Вода, пишувавте и за Старата скопска чаршија, изразивте став за Универзална сала. Вроди ли со плод некоја од овие иницијативи?
Најголемиот успех на МАРХ е тоа што на многумина можеби и не им се допаѓаме, но сепак не им е сеедно и не можат лесно да нè игнорираат, што нè прави некакви чинители на сцената.
Некои од темите се навистина големи, и по подолг период забележуваме дека нашиот став по одредено време станува дел од општото мнение за дел од нив.
Расадник е број еден во однос на влијанието над домашната сцена. Тие пишувања доведоа до општ став дека пред сè треба да се бориме за тоа парче земја, потоа дека мораме да прифатиме одреден компромис и да бараме решение на конкурс. Нашите текстови станаа дел од борбата на граѓанското здружение кое јавно негодуваше, а потоа тој глас дојде и до оние кои можea да ги направат промените. До мене стигна информација дека некој нè чита и дека размислува таа иницијатива да ја прифати, доколку успее да ја добие позицијата, што потоа излезе дека е вистинита, што е потврда дека нашето пишување не е залудно, има влијание. Паралелно добивме поддршка од други медиуми, кои ги помогнаа нашите објави и овозможија поголема публика и видливост што е пак уште една победа, дека темите од архитектурата и урбанизмот треба да се многу позастапени во јавноста. Но, борбата за Расадникот не е застаната, треба да видиме што ќе се случи со деталните планови, како победничките решенија ќе се преточат во реален ДУП. Тука секако иницираме и поинаква стратегија, која ќе овозможи организирано архитетконско делување и менаџирање на комплекси со заеднички јазик, а не парцели продадени на инвеститори кои ќе делуваат по сопствен наратив. Тука треба Општината да стане менаџер и да стои како посредник во реализацијата, за што би требало да постојат и архитектонски конкурси за поголеми потези од планот, како би добиле населба со повисок квалитет.
Друга борба и сериозна иницијатива која ја започнавме во делот на Кисела Вода, се магацините „Славија“ како потенцијал за локален центар на случувања. Тоа почетно и воведно истражување беше поддржано и од самата општина, што конечно говори за еден поотворен пристап. За таа иницијатива исто имаше добри реакции, но борбата мора да ја поведе Општината, а ние сме тука да помогнеме доколку некој ни се обрати.
Еден од најсподелуваните текстови на МАРХ, беше кога се најави можното рушење на Универзална сала, тогаш настапивме многу отсечно и директно, што допре до многумина. Дури следниот ден и градската власт го оформи поинаку ставот, што значи дека и тогаш некој го уважи нашето мислење.
Тука беше и интервенцијата над ГТЦ, кога се ревидираше проектот, како и многу други.
Она кое не можеме сè уште да го разбереме како масовна тишина од сите страни, и за кое мораме на повисоко ниво да се обединиме, се случувањата во Скопската чаршија. Таму се случува башибозук од најнизок ранг, што алудира повторно на политички договори од најсомнителен карактер, каде се толерираат неверојатни делувања. Таа борба не гледаме дека вродува со плод и мораме да ја продолжиме.
Би спомнал и за предлозите кои ги имаме и постојано ги нудиме кога станува збор за приватното земјиште и користењето на истото како нешто кое оневозможува јавен интерес. Таа лага полека ја топиме. Општините мора да се менаџери. Ако имаме земјиште и објекти од јавен интерес, со стратегија, тие во деталните планови мора да се третираат. Тоа не значи некому да му се национализира и одземе имот, туку на сопствениците кои посакуваат згради и високопрофитни делувања на парцелите од интерес, да им се понуди замена со други парцели на државно земјиште, кое секоја општина ќе го предвиди во плановите со можност за такво делување. Како банка за размена. Едноставни се предлозите, но некој мора да се грижи како за сопствениот двор и да стане вистински татко на јавниот интерес. Има простор сите да бидат на крајот среќни.
За ДУП Ц08 (паркингот спроти хотел Холидеј ин) се испрати и Јавен повик до тогашниот премиер да се покаже волја против урбанистичкото дивеење и распродавањето на јавниот интерес. Зошто после сè што ни се случи пропуштивме шанса да покажеме дека умееме, зошто не успеавме да се избориме против волјата на политичарите и личните интереси на инвеститорите? Начинот на спороведување на овој проект е речиси ист како СК2014, разликата е што кај првиот објектите се јавни, овде станува збор за приватни, за личен профит.
Оваа приказна би ја вратил наназад уште во годините на осамостојувањето на Македонија. Тогаш државата требаше да ја искористи можноста оваа историска битка за целосна независност на земјата да ја одбележи со изградбата на републичкиот центар. Да ги организира институциите и да остави архитектонски белег на самостојна Македонија. Но напливот на постмодернизмот за мене направи најголема штета врз општествените текови и размислувања во поглед на архитектурата и урбанизмот, и несмасниот премин кон капитализмот кој ги уништи големите идеи и проекти. Тука се напушти и идејата на Танге и Скопје почна да се однесува дезориентирано и вон контекстот на градот. Пропаднаа големите бироа, а поединци почнаа да се здружуваат околу личните интереси кои се во зародишот на необразовани капиталисти, кои од истото како општествена придобивка го разбраа само делот за што повеќе профит без никаква грижа за јавното добро.
Од тој општ вовед за 90-тите кон тековното случување на парцелата спроти Холидеј ин, можам да изразам жалење што и по промената на власта која го наметна тој наратив, тие што дојдоа не ги променија чекорите. Секако овој проект не можеме да го споредуваме со Скопје 2014 во однос на неговата архитектура и естетика, тој има одредени квалитети, кои намерно одбегнувам да ги коментирам, затоа што тука се изгуби друга општествена битка. Особено разочарувањето од луѓе кои беа на позиција да влијаат поинаку, со титула на домашната сцена, одбија да наметнат поинаков кодекс на делување врз инвеститорите, и едноставно ја искористија оваа можност.
Профитот не е злостор и тука треба да внимаваме во сатанизирањето, но прашањето е како до тој профит. Мораме да одредиме зони, каде без разлика дали е јавен или приватен имот, секое делување и архитектонска визија ќе се добива на конкурс. Кај овој проект особено ме разочарува пропуштањето на можноста целиот блок да биде решен во еден потег и односот кон Вардар. Што ќе се случува понатаму останува да видиме. И повторно ќе напоменам, поради оние кои погрешно ќе се пронајдат во пишаното – тековниот проект не го коментирам, проблемот е поназад пред овие делувања.
Како паралела на властите, и едните и другите, им удоволуваа на инвеститорите и во други проекти. Погледнете го Лимак и просторот околу Старата железничка станица. Некој го договори, друг го аминува. Ниту еден не наметна строга зона на заштита на Музејот на Град Скопје. Објект од такво значење за градот, беше нападнат и дорушен, за да се овозможи што поголема површина за градба. За ова делување, да ја имам моќта, некого би ставил и во затвор.
На роденденот на МАРХ се одржа и дискусија „10 години подоцна, како понатаму?“ Проблемите се апсолвирани, но дали се дадени решенија? Актуелната архитектонска продукција покажува огромно влијание на инвеститорите. Колку е значаен професионалниот морал, можен ли е добар објект без архитект и инвеститор, па и политичар, без морал, пред сè човечки?
Професионалниот морал недостасува кај нас во сите пори на општеството, па така и во архитектурата. Во Македонија има толку корумпирани лица во здравството на пример, каде на пациенти со канцер, нови родилки, или луѓе со тешки болести, им се бара мито за да бидат оперирани, им се наметнуваат дополнителни подмитувања за да бидат со посебен третман, или пак огромни суми на пари за да добијат лек. Е кога ќе ја разбереме тежината на овој најдолен чин, на злоуптреба на профитот над личното здравје и опасност по живот, тогаш ќе го разбереме и предавството на урбанистите и архитектите, само тука пациентот е градот, а ние како дел од тој организам колективно страдаме.
Моралот кај нас, генерално и на Балканот е многу сериозно променлива категорија. Сум спомнал и претходно, сите сме во блатото, па дури и тие што имаат добра намера и сакаат да излезат од него, немаат друг избор освен да претрчаат низ истото сè додека не стигнат до крајот, па оттаму да дојдат на чисто. И во моментот кога ќе стапнете вон блатото, вашите нозе се секако извалкани од калта, и потребни се повеќе чекори да се избрише истата, а со дел од тие чекори веќе сте го извалкале и делот од чистото. Сите сме во ова, помалку или повеќе!
Ние додека чекаме на повисоки лични вредности кај богатите индивидуи, ќе ги загубиме сите битки. Мораме најитно да преземеме нешто со урбанизмот и визијата за делување, а за тоа се важни општествено одговорни индивидуи кои ќе заземат позиции на влијание.
Скопје 2014 е болка и тежок пораз и за него се подготвувам повторно да пишувам. Со дебатата намерно ги разбудивме старите духови, бидејќи имавме тешка борба, па исцрпување и презаситеност. Помина и тој дел, сега време е да кажеме што и како понатаму? Дебатата токму тоа и го покажа, дека нам гневот и револтот сè уште ни прави грутка за овој проект, кој нанижа многу неповратни штети на јавниот простор. Она кое мене највеќе ме мачи, дека неговите создавачи, не се свесни колку направија штета врз националниот дух, во спротивен правец од посакуваниот. Како човек кој се смета за патриот, навистина жалам за упорноста со обратен ефект. Луѓето почнаа да чувствуваат одбивност кон сопствената историја, бидејќи некој се обиде да го силува просторот преку несразмерна и несмасна интервенција во него. Испуштивме можност Скопје да биде лидер во регионот со голема инвестиција во архитектурата и уметноста. Ја пропуштивме и шансата со тоа за некаков Билбао ефект, што денес Тирана го разбра добро. Ja пропуштивме и шансата Македонија да одбележи романтичен национален поглед преку современ јазик и зрели асоцијации кои не бодат во очи.
Во склоп на МАРХ е и уште една мисија – Сувенири Скопје. Дигитални илустрации на модернистичко архитектонско наследство на градот се печатени на бетонски плочи или форекс. Кој е креаторот на овие сувенири? Дали постои интерес за нивно купување?
Сувенири Скопје е дел од мојата лична приказна и не е директно врзано со МАРХ, туку индивидуално делување во делот на сувенирите уште од периодот на основното училиште. Но, бидејќи и таму постои лична приказна (МАРХ), секако дека тие се компатибилни да се надополнуваат во мисијата. Креаторот сум јас, додека идејата навистина стоеше повеќе од 10 години во фиока, за концептот на бетонски плочи и делување над нив. За жал, и покрај големите позитивни реакции, не наидов на поголем интерес за нивно купување и покрај достапните цени, кои се најмалку двојно под некаква исплатливост која ќе ве мотивира да ги работите. Но, секако тука е потребата и од поинаков пристап, простор за континуирана продажба и маркетинг, а за тоа секако треба и време кое навистина е тешко да се оддели во постојан континуитет.
На роденденот на МАРХ имаше многу архитекти од различни генерации, мислам дека беше најубав и најархитектонски настан одржан последниве години. Ова покажува колку сте важни, добри, колку сте почитувани. Ќе продолжите ли понатаму со поголемо темпо, што би им порачале на архитектите?
Најпрво благодарам на убавите зборови и драго ми е што овие позитивни реакции за 10- годишнината на МАРХ, не застануваат и сè повеќе ги добиваме во облик на признание и поддршка. Лично во мојата приказна, овој пресек на десетлетието, конечно покажа возвратена љубов, што дојде од повеќе страни, што пак дава поттик да се продолжи секако. МАРХ беше голема идеја уште на почетокот, и таму постојат многу работи како визија во воведното обраќање. Но брзото чекорење на МАРХ ќе беше осудено на брзо пропаѓање од секаков аспект. Чекоревме полека, но сигурно и без откажување. Оттука натаму посакуваме секако развој за кој визијата е иста, но мораме конечно да ја добиеме поддршката преку маркетинг-просторот кој ќе овозможи финансиска логика и можност за раст. 10 години се докажувавме, се надеваме дека во следните 10 ќе ја постигнеме вистинската трансформација, каде ќе се видат сите плодови на marh.mk, страница која е многу повеќе од интернет-портал.
На македонските архитекти би им порачал, кога ќе им тргне со бизнисот на нивните студија, да не забораваат брзо на моралот и етиката и борбите кои ги воделе до вчера како студенти, да не се оттргнуваат од здруженијата, општините и од другите институции кај што навистина можат да се потрудат да ги променат работите, да не им веруваат на луѓето во пракса долги години, дека мора да сте „играч“ по секоја цена бидејќи нема како поинаку (тие ја перат совеста преку вашата потврда за постоењето на нивниот изговор), да се поотворени во делот на меѓусебната соработка и вистински да ја препознаат потребата и значајноста на МАРХ како медиум. Доставувајте ни проекти, следете нè и доколку можете поддржете нè, за да ја оформиме заеднички сликата за македонската архитектура.