Оваа година од 17 мај до 8 јуни, ќе се одржи познатиот англиски Фестивал на градини Chelsea Fringe Festival во Лондон. Но за разлика од порано, манифестацијата ќе се случува и во Виена, Бристол и Мелбурн. За време на манифестацијата во тој период ќе бидат отворени и презентирани не само јавни паркови, туку и приватни градини и паркови, а според организаторите се планира во целост да биде претставена градинарската уметност во секој поглед.
„Градината во Виена има долга традиција“, вели иницијаторката на виенскиот фестивал, Хана Штипл. „За време на фестивалот ќе бидат претставени заеднички градини, озеленети атриуми и градски паркови како и дворските паркови Шенбрун и Белведере. Тоа треба да биде Ден на отворени градини, луѓето ги интересира како изгледаат градините на соседите“, додава Штипл.
Пријавата за проектни идеи за фестивалот трае до 31 март 2014 година, а своите идеи можат да ги пријават како хоби-градинари, герила-градинари, професионални градинари така и уметници и здруженија.
„Кога уметниците изложуваат, тие тоа не го прават за да станат богати. Исто така, и заедничките градини не се основаат за да луѓето се збогатат. Луѓето уживаат во тоа да покажат со што точно се занимаваат“. Така објаснува Штипл која истакнува дека учесниците нема да добијат финансиска поддршка. Она што е обезбедено е меѓународно вмрежување на учесниците и нивна промоција.