Насловна / Архитектура / Фазлур Рахман Кан – творецот на модерните облакодери

Фазлур Рахман Кан – творецот на модерните облакодери

Fazlur Rahman kan

На 3 април логото на Google осамна стилизирано во чест на 88-иот роденден на инженерот Фазлур Рахман Кан. За пошироката публика веројатно ова име не значи ништо, но струката вистински го слави и почитува бидејќи токму неговите иновации овозможиле високите згради односно облакодери да се градат поефикасно и одржливо. Со други зборови, тој е таткото на модерните облакодери какви што ги знаеме денес.

fazlur_khan

За многумина, веројатно една од првите асоцијации кога станува збор за облакодерите е легендарната Empire State Building во Њујорк. Изградбата на оваа зграда која долго го држела приматот на највисока во светот е завршена во 1931 година. Но, во тоа време идејата за изградба на високи згради се сметала за опасна и прилично неефикасна. Без иновацијата на овој човек, се чини дека изведбата на денешните облакодери, како на пример Бурџ Калифа, би била незамислива. Роден во 1929 во Индија, дипломирал во родната земја а потоа продолжил да се школува во САД каде стекнува докторат од областа на градежните конструкции. Работејќи за Skidmore, Owings & Merrill, тој го достигнува зенитот во својата кариера, проектирајќи зграда која нема да биде носена со централна челична конструкција туку со помош на надворешна рамка. На тој начин објектот во исто време се заштитува и од влијанието на ветровите, а во внатрешноста пак, се ослоодува корисен простор кој претходно бил зафатен со челичните носечки елементи.

Fazlur Kan konstrukcii celicni

Овој концепт за прв пат е тестиран на DeWitt-Chestnut зградата во Чикаго. Иако оваа зграда не ја надминала Empire State Building според височината, била убедливо подобра во поглед на ефикасноста на градењето за ист квалитет на конструкцијата. Објектот користел 145 kg челик по квадратен метар, за разлика од Empire State Building каде биле потрошени 206 kg челик по квадратен метар. Потоа Кан го проектира Светскиот трговски центар во 1972 година кој го презема лидерското место како највисока зграда, за да две години подоцна уште еден негов проект – Sears Tower (денес Willis Tower) во Чикаго, станува највисока зграда во светот во следните 24 години.

Fazlur Kan kula

Кан починал во 1982 година, но остaвил зад себе вистински инженерски бисери, па сосема заслужено го нарекуваат „Ајнштајн на градежните конструкции“. Особено е интересен фактот што таткото на модерните облакодери воопшто не видел облакодер до својата 21 година.

 

 

 

 

 

Испрати коментар

Scroll To Top