Насловна / Вести / Фасада разиграна и привлечна од повеќе агли

Фасада разиграна и привлечна од повеќе агли

Интервју со архитект Ѓорѓи Мојсов, добитник на Гран -при на БИМАС 2018

Вашето проектантско биро ГМС, секогаш учествува на БИМАС и мислам дека е биро со наjмногу пријавени трудови. Колку колеги брои вашето биро? Кој е главен?

Ние сме мало архитектонско биро кое постои од 2009 година и моментално броиме 5 вработени. Обично за секој проект одредуваме кој ќе биде „главен“ и ќе го менаџира проектот од почетокот до крајот. Меѓутоа, главен менаџер на сите проекти е мојата мајка Оливија, која секогаш ни дава насоки по кои треба да се движиме и ја надгледува нашата работа низ целиот процес.

4H5A3209

Какви видови објекти највеќе проектирате?

Највеќе проектираме станбено-деловни објекти, но неретко и само деловни, комерцијални, катни гаражи, ентериери како и индивидуални куќи.

Можете ли нешто повеќе да кажете за себе, за своето образование и работа?

Роден сум во 1982 година во Скопје во семејство каде буквално сите со генерации се архитекти. Почнав да студирам архитектура во Скопје и после две години ги продолжив студиите во Виена каде дипломирав и магистрирав на Техничкиот универзитет во Виена – отсек Архитектура во 2009 година. Во меѓувреме во 2007 година бев и на студентска размена на Тонгџи Универзитет Шангај во Кина. Во Виена работев во архитектонските бироа Kiekenap и Lorenz und Partner, а по доаѓањето во Скопје во проектантското биро ГМС каде сум и коосновач. Работиме на голем број проекти во Македонија, но како биро соработуваме и со колеги од регионот, бироа од Израел и Виена. Со мојата работа во ГМС добитник сум на наградата 13 Ноември за деловниот објект Сан Марко во 2011 година, Признание во рамки на Големата годишна награда на ААМ за станбено-деловниот објект Боними во 2016 година и оваа година добитник на Гран-при на БИМАС 2018 за објектот Челзи бизнис-центар.

Chelsea business center, Skopje, Macedonia by Gjorgji Mojsov 201

Челзи бизнис-центар, 2017 автор: Ѓорѓи Мојсов, фото: Васе Аманито

Што мислите за урбанизмот во главниот град? Преголемиот број станбени згради кои вешто манипулираат и импровизираат со функциите и квадратурите на станот, паркирањето, поткровјата, сè во интерес на профит, а не на квалитетна функција и архитектура? Проектите за во општина се едни, изграденото неретко е различно.

Мислам дека во градот повеќе не постои урбанизам во вистинска смисла на зборот како што тоа беше случај во годините после земјотресот, кога професионалци од целиот свет ги поставуваа контурите на идното Скопје. Тогаш се гледаше големата слика и откако таа ќе беше дефинирана се одеше кон детална обработка на посебните објекти како целини во склоп на урбанистичката матрица. Погледнете ги само комплексите на градски ѕид, каде се внимавало и на зелените површини, и на пешачките зони помеѓу зградите, и на подземниот паркинг кој денес за жал не е во функција, и на визурите на самите згради и нивната ориентација во просторот со цел да се добие квалитетен животен простор. Или пак новопроектираните населби како Карпош или Аеродром кои пливаат во зеленило, каде објектите се поставени на соодветно растојание од улицата и самите од себе, со место за пешачки површини и паркинг доволен за сите. Денес имаме само една креатура од урбанизам со тотален хаос. Сообраќајно лудило, улици без никаков ред, хаотично паркирање, распаднати тротоари, згради напикани на секој чекор со една единствена цел – профит.

6

Сан Марко, 2010 автор: Ѓорѓи Мојсов, Оливија Мојсова

Кој објект на кој сте работеле го сметате за најзначаен?

Немам посебен објект кој ми е најзначаен, но има неколку што ми се најомилени и ги сметам за најуспешни. Сите нив ги поврзува беспрекорната соработка со инвеститорот со цел да се добие успешна реализација. Имам и објекти кои биле со одличен дизајн меѓутоа поради непочитување на инвеститорот на крајот се добила некаква импровизација и тие воопшто не ги сметам за дел од моето творештво.

Од моите студентски денови во Виена би издвоил еден проект на универзитетски комплекс во срцето на градот на којшто работевме со двајца мои колеги од Македонија и за кој добивме посебно признание и од самите професори. Потоа следуваше мојот прв проект во Скопје Сан Марко, во кој се наоѓа седиштето на Комерцијална банка на самиот плоштад, за кој ја добив и првата награда. Следуваа уште неколку објекти, од кои најзначаен би го спомнал станбено-деловниот објект Боними во Дебар Маало, катна гаража 6.7 и уште неколку, а од поново време би ги издвоил Скопје Сити Гарден и секако Челзи бизнис-центар, добитникот на Гран-при наградата на Биенале 2018.

2

Скопје сити гарден, 2017 автор: Ѓорѓи Мојсов, Оливија Мојсова

Вашата мајка е веќе добитник на голема награда на БИМАС. Дали архитектурата и проектирањето се семејна традиција во вашето семејство?

Да, јас потекнувам од семејство со повеќе генерации на архитекти, почнувајќи од прадедо ми Глигорие Томиќ, автор на станбената зграда Ибни Пајко во центарот на Скопје. Потоа следуваат дедо ми Љубомир Томиќ, професор на архитектонскиот факултет како и баба ми Мимоза Томиќ добитник на повеќе награди меѓу кои и онаа за животно дело „Андреја Дамјанов“ која ја доделува ААМ. Татко ми и мајка ми се исто така архитекти кои најмногу ми помогнаа во моите студии и работа, како и двете мои помали сестри кои исто така работат во нашето студио ГМС. Сето тоа многу ми помогна уште на почетокот да можам да се пронајдам себеси во оваа професија и да оформам некој свој препознатлив стил.

5

Боними,2012 автор: Ѓорѓи Мојсов, Елизабета Дурлевиќ

Ми се чини дека во последно време наградата како за малку да ви избегнуваше. Што значи оваа награда за вас?

Да, на повеќето изложби во последните неколку години учествував со повеќе трудови, но повеќе за да ја споделам својата работа со остатокот од граѓаните отколку со желба да освојам некаква награда. Оваа награда многу пријатно ме изненади бидејќи ме израдува тоа што жири-комисијата препознала колкава енергија имаме вложено јас и целиот мој тим почнувајќи од моето биро па сè до инвеститорот да се изведе овој објект со сите свои детали до перфекција.

10

Железничка, 2018 автор: Ѓорѓи Мојсов, Оливија Мојсова

Бидејќи без добар инвеститор нема добар објект, каква беше вашата соработка со инвеститорот и неговото влијание во изработка на проектот „Челзи бизнис-центар“?

Соработката со инвеститорот и неговото почитување на идејата во текот на целата реализација на проектот се клучните услови за успешен објект. Во овој случај соработката со инвеститорот беше одлична и тоа се гледа на самиот објект. Веднаш препозна дека се работи за исклучително разигран објект со детали кои се комплицирани за изведба и дека доколку се прават импровизации може да се добие многу лош резултат. За секој детал се консултиравме, дури и направивме некои измени во текот на градбата за дополнително да се потенцираат некои детали на фасадата. Сè на сè, инвеститорот на Челзи ја носи истата заслуга за успешноста на овој објект како и проектантот. Ова укажува на фактот дека без квалитетен инвеститор кој умее да почитува и препознае квалитет невозможно е добра архитектура.

4

Vienna university campus, 2017 автор: Ѓорѓи Мојсов, Јасна Георгиевска, Дамјан Кокалевски

„Челзи бизнис-центар“ е мал објект во центарот на Скопје. Објект со само една фасада, но мошне разиграна. Таа е контраст на околината. Намерен  ли е односот кон околината на тој начин?

Главната идеја за фасадата дојде токму од локацијата на овој објект. Ситуиран на мала пешачка улица со слаба фреквенција на луѓе и залепен помеѓу стари објекти со класичен израз, требаше да се најде начин како да биде привлечен од повеќе агли, особено од страната на булеварот… како и од страната на плоштадот. Затоа и фасадата е разиграна и привлечна од повеќе агли, како на пример има еден детал од фасадата којшто се гледа од задниот дел на фасадата и го тера минувачот да отиде и да ја види и од предната страна. Идејата беше фасадата да се менува како се движите, да ја менува сликата, да се случи доживување на малата пешачка улица, да провоцира и кога само се надзира.

Дали повеќе сакате да размислувате за архитектурата како процес кој се вклопува во градското плетиво и создава една цела поширока слика и здрав амбиент или како процес за создавање маркантни, ексклузивни градби сами за себе?

Секако дека мора да се земат и двата аспекта предвид, но тоа највеќе зависи од типот и локацијата на објектот кој се проектира. Во случајот со Челзи на пример беше неизбежно да се размислува за вклопливоста на архитектонскиот израз во централното гратско јадро бидејќи е опкружен со значајни објекти со одреден архитектонски израз и урбанистичка структура. Меѓутоа во случај кога се работи за објект во средина која допрва треба да се урбанизира или да се дооформи урбанистички понекогаш е убаво да се создаде маркантен објект којшто треба да ги постави контурите на урбанистичкото дообликување на просторот и да служи како патоказ како да се обликуваат останатите објекти.

4H5A3229

Сигурно сте меѓу помладите добитници на Гран-при на БИМАС, ако не и најмладиот. Што би им порачале на младите архитекти?

Би им препорачал секогаш да бидат современи и креативни и секогаш да се стремат да останат доследни на своите идеи и квалитетната архитектура. Меѓутоа за да се добро запознаени со стандардите и пазарот тука, желбите и можностите на инвеститорите за кои ќе работат, треба вешто да умеат да ги вклопат овие фактори и преточат во добра архитектура, бидејќи крајниот исход секако ќе зависи од нив.

Испрати коментар

Scroll To Top