Фасадите на зградите најчесто се проектирани единствено во насока да го задоволат естетскиот момент. Меѓутоа, понекогаш нивната цел е поинаква. Театарот „Grand Théâtre d’Albi“ има фасада која освен што изгледа интересно, го заштитува објектот од надворешни влијанија, односно од временските услови. Фасадата е огромна закривена метална мрежа во боја на бакар која се издигнува над горната половина на зградата.
Проектантите од архитектонското биро Dominique Perrault Architecture, за ова свое решение нашле инспирација во театарската завеса, а има особина да го заштити објектот од сончева светлина, топлина, ветер и дожд. Мрежата може да биде затегната или олабавена на различни места во зависност од тоа што бара просторот зад неа. На пример, пред просторот каде се собира публиката, како што е барот, таа може да биде олабавена со цел поголемо пропуштање на светлина. Наспроти тоа, во одреден простор може да биде затегната со цел да ги сокрие конструктивните елементи на објектот.
Театарот „Grand Théâtre d’Albi“ се наоѓа на парцела од 34.000 m2, и поседува осум киносали со вкупен капацитет од 1.500 места, како и театарска сцена со 900 места. Изградбата на објектот започнала во 2010 година, а театарот е отворен во почетокот на оваа година.