Факултетот за Архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ Скопје, и оваа учебна година ја продолжи практиката за вклучување во наставата на познати европски архитекти. Во новата учебна 2016/2017 година на Архитектонско Студио 1 во мастер студиите, гостин е архитект Симон Хартман, еден од партнерите во швајцарското студио ХХФ архитекти. Во педагошкиот тим се и Владимир Десков и Виолета Бакалчев.
Архитект Симон Хартман добро го познава нашиот локален контекст. Покрај учеството на овогодишната Летна школа на УАКС, тој неколку години наназад е длабоко инволвирани во Балканот и е запознаен со, според него, еден од најинтересните периоди на архитектонска продукција: „Југословенскиот модернизам“.
Симон Хартман, како дел од ХХФ архитекти, има реализирано голем број проекти во Швајцарија, Германија, Кина, Франција, Мексико и САД. Нивни поважни дела се објектите: „Landskronhof“ и „Lichtstrasee 9“ во Базел, „Labels 2“ во Берлин, „Ruta del Peregrino“ во близина на Гвадалахара, Мексико, „Baby Dragon“ павилјонот во Jinhua Architecture Park, Кина. Учесник е на 13. Биенале за архитектура во Венеција, додека на 14. Биенале за архитектура во Венеција тој е ко-куратор на Црногорскиот и на Грчкиот национален павилјон.
Покрај архитектурата, едукацијата е исто така важна активност на Симон Хартман. Од 2002 до 2007 година бил дел од педагошкиот тим на ETH Studio Basel заедно со Jaques Herzog, Pierre de Meuron, Roger Diener и Marcel Meili. Во периодот 2008 – 2016 година, повремено е вклучен во наставата на ХТА Фрајбург, визитинг професор е на Универзитетот во Инсбрук, Австрија, и на Карлсруе институтот за технологија во Германија.
Темата на која ќе работат студентите од 4-та година е Grand XYZ и ќе се занимаваат со големи внатрешни јавни простори. Доминантната улога на државата во креирањето и водењето на просторите за социјални и културни активности во бивша Југославија, произведе простори без остро дефинирана граница меѓу функционалните единици. Резултатот на оваа трансгресија од архитектонско во урбанистичко размислување, доведе до производство на простори со силно диференцирани функции кои не можат да бидат меѓусебно целосно одвоени, и кои можат да се доживеат како силно артикулирани композиции, проектирани како целина.
Во периодот од 29 септември до 5 октомври се одржа првата од планираните три работилници во семестарот во присуство на архитект Хартман. На работилницата студентите анализираа иконични примери од поновата историја со претходно наведените карактеристики, што подоцна ќе ги води до изработка на проект за објект со комплексна просторна конфигурација во која е заматена границата помеѓу архитектонското и урбанистичкото размислување.
Педагошки тим: Симон Хартман, Силвија Шалева, Владимир Десков, Виолета Бакалчев