Вечерва (27 ноември), во Отворено графичко студио, со почеток од 20 часот, уметникот Урош Вељковиќ ќе ја отвори својата самостојна изложба насловена „Facebootik“.
Фокус на изложбата се промените коишто оваа платформа ги донесе, не само во комуникациските односи, туку, пред сè, во секојдневието на многумина, овозможувајќи присуство и учество на голем број субјекти во еден дел од јавниот простор.
Вељковиќ дава своја критика за лесното прифаќање, а со тоа и на поддршката на новата, дискретно наметната можност корисникот да си го објави или создаде сопствениот идентитет и, при тоа, да го менува според сопственото расположение.
„Како игра на зборови, во кованицата „Facebootik“ се содржи „бутикот“ (во етимолошката античка смисла на „апотеке“ [apothēkē; аптека] и со значење на стовариште, магацин) се лоцира местото во кое се складираат, изложуваат и нудат идентитетите како слободен избор, даденост, можност на корисникот, на „слободниот“ пазар на размена, додека „Фејс“ е платформата на која се изложуваат (објавуваат) така („слободно“) избраните идентитети.
Оттука, Вељковиќ упатува порака дека само времето на нестабилни идентитети може да создаде платформа за нестабилни идентитети. И при тоа, тој преку иронијата и пародијата, со децидната и недвосмислена критика на таквото време, не само што ни остава нам да решиме дали да ја прифатиме или отфрлиме таквата состојба и манипулација, туку настојува подлабоко и покритички да го обмислиме тоа и такво време и – да го отфрлиме. Отфрлајќи го, пред нас се отвора можност за создавање на некое друго и поинакво време, време во кое нашите идентитети ќе бидат израз и исказ на нашиот сопствен, внатрешен и вистински, а не посредуван и, со тоа, лажен – Ид’, се вели во текстот посветен за изложбата и уметникот на Небојша Вилиќ, историчар на уметноста и редовен професор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.