Синоќа, во Музејот на град Скопје изложбено беа претставени архитектонско обликувани идеи за новиот изглед на ресторанот „Езерце“.
За идеjата на општина Центар повторно да заживее ова култно место, на анонимен конкурс биле поднесени 25 идејни решенија.
Жири-комисијата што ги рангираше идејните решенија беше во состав на Мирослав Грчев, Наташа Тодоровска Пренк, Дамјан Цингарски, Искра Ефремова и Владимир Петровски. Жирито работело и дискутирало во отсуство на професорот Грчев.
Конкурсните решенија понудија поинакви размислувања од оние што ни навираат кога ќе се спомене „Езерце“.
Ова покажува дека се буди пријатно чувство за убаво поминатото време и дека е речиси невозможно да се замисли местото без препознатливата градба.
„Езерце“ е култно место, собиралиште на македонската културна елита, скопските боеми и граѓаните, сите оние што ја градеа историјата на Езерце. Бројката од 25 архитектонски решенија го урна рекордот на заинтересираност кај архитектите и ја покажа жедта за чесен натпревар.
– Најголемиот број пријавени се млади луѓе, кои понудија смели идеи. Се покажа желбата за нешто ново, но и за задржување на автентичниот изглед. Приказната за Езерце сега почнува, заедно со дискусијата како ќе изгледа новиот објект на ресторанот Езерце – рече градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски.
Според жирито, најиздржано е решението под шифра „Мезе“, на авторите Филип Конески, Борко Георгиев и Иво Ѓорѓиев.
Првонаграденото идејно решение „Мезе“ го обликува ресторанот во вид на школка.
Станува збор за бетонска конструкција од три дела: основа на ресторанот, ротонда која е остаток од старата градба и тенда која се протега по целата должина. Намерата на младите архитекти е да го вклопат своето идејно решение во амбинетот за објектот лесно да се приспособи на околината, но и да воспостават конекција со градбите во близина, како што е стадионот, но, пред сè, сцената Школка која, исто како и ресторанот, претставува урбано функционално место.
„Конечно имаме достоинствена изложба и каталог за паметење на сите пристигнати трудови“, рече Филип Конески во име на првонаградените.