Европското првенство во фудбал кое ќе се одржи ова лето во Франција, ќе се игра на хибридна трева, која е производ на компанијата Desso Sport. Благодарение на влакнестото зајакнување, тревата Grass Master е поотпорна, а теренот многу поедноставно се дренира. Оваа трева е комбинација од природна трева како основа, во која се инјектираат вештачки влакна, чиј број изнесува 20 милиони за терен со стандардни димензии.
Постапката е следна: најпрво во подлогата се вметнуваат вештачките влакна во пропишаниот број односно на растојание од два сантиметри, и врз оваа вештачка мрежа се сее природната трева.
Оваа хибридна трева може да издржи трипати повеќе натпревари во споредба со природната. Преку каналите низ кои се инјектирани вештачките влакна, дренажата на теренот е многу поедноставена. Недостатокот на овој концепт е во посложената постапка за поправка на оштетувањата на теренот. Сепак, предностите се побројни, па затоа веќе голем број стадиони во светот се опремени токму со ваква трева. Меѓу останатите, тоа се стадионите на Арсенал, Порто и Спортинг.