Европската организација за заштита на потрошувачите BEUC и нејзините 23 членки, се пожалиле до Европската комисија дека 17 европски авиопревозници со „зелена“ кампања ја доведуваат јавноста во заблуда, а некои и наплатуваат т.н „зелен“ додаток. Меѓу авио компаниите кои се посочени во оваа жалба се и едни од најголемите европски авиопревозници како Lufthansа, Air France и Ryanair. Потрошувачките здруженија тврдат дека авиокомпаниите ги прекршиле прописите на ЕУ за чесна деловна пракса.
Германското здружение на потрошувачи VZBV, е дел од кампањата која се жали на праксата на „зелена шминка“ (green washing) со која компаниите ја лажат јавноста со неточни тврдења за еколошки прифатлива деловна политика. „Повикуваме да се спроведе европска истрага за тој проблем и наведените авиопревозници и целиот воздухопловен сектор да престанат да изнесуваат тврдења дека летањето е одржливо. Тоа не само што не е случај денес, туки нема да биде одржливо ниту во блиска иднина“, порачуваат од здружението. „Ниту една од стратегиите кои ги спроведува овој сектор во моментот, не е во состојба да ги спречи емисиите на стакленички гасови. Затоа сите оние кои наплатуваат „зелен“ додаток треба да ги вратат парите на потрошувачите“, заклучуваат од здружението.