Вториот највисок Европски суд ја поништи одлуката на Европската комисија, со која е дозволено одгледување на генетски модифицирани компири од страна на германската компанија BASF, со образложение дека правилно не е испочитувана процедурата.
„Комисијата отстапила од прописите што важат во процесот на авторизација“, соопшти Генералниот суд на ЕУ, кој по важност е веднаш зад Европскиот суд на правдата, пренесува Франс прес.
На барање на компанијата BASF, Комисијата во 2010 година го одобрила одгледувањето на генетски модифицирани компири „амфлора“, што предизвикало силно спротивставување од Унгарија, Франција , Австрија, Полска и Луксембург, кои побарале негово поништување.
Откако Европската агенција за безбедност на храната (EFSA) во своето мислење од 2009 година укажа дека „амфлора“ не претставува закана за здравјето на луѓето или животната средина, Комисијата даде „зелено светло“ за неговото одгледување.
Овој извештај на EFSA, Комисијата не го доставила до двата советодавни комитети составени од претставници на земјите-членки на ЕУ, кои обично во такви ситуации се консултираат.