„Со цел да ги поддржи глобалните климатски амбиции, ЕУ мора да воведе надомест за емисиите на CO2, за некои производи од помалку амбициозните земји, вклучувајќи ја тука електричната енергија“, порачуваат во својата резолуција членовите на Европскиот парламент. Механизмот за прилагодување на јаглеродот (CBAM), познат и како данок на јаглерод диоксид, треба да го опфати увозот на сите производи и суровини кои ги покрива Системот за тргување со емисии на Европската Унија (EU ETS), стои во резолуцијата која Европскиот парламент ја усвои со огромно мнозинство. Планирано е давачки за другите земји да се воведат за електроенергетскиот сектор и енергетски интензивната индустрија, како што се производството на цемент, челик, алуминиум, хартија, стакло, хемикалии и ѓубрива, како и рафинериите за нафта, се наведува во документот.
Таа алатка мора да биде во согласност со прописите на Светската трговска организација, и не смее да се злоупотреби за јакнење на протекционизмот, истакнале евро пратениците по усвојувањето на резолуцијата со 444 гласа „за“ и 70 „против“. Воздржани биле 181 пратеник. CBAM треба да се воведе до 2023 година. Во резолуцијата е нагласено дека зголемувањето на амбициите на ЕУ во борбата против климатските промени не смее да доведе до т.н пропуштање или протекување на јаглерод диоксид, со образложение дека нема да има корист за глобалните напори во областа на климата, доколку производството само се пресели во земјите надвор од ЕУ, кои имаат помалку амбициозни прописи за емисиите. Се окедува дека во вториот квартал од годинава, Европската Комисија ќе го претстави законскиот предлог за CBAM, како дел од мерките од Европскиот зелен договор, но и предлогот за тоа како треба да се употреби приходот од овој механизам за финансирање на дел од буџетот на ЕУ. Европскиот парламент претходно го отфрли предлогот кој предвидуваше укинување на бесплатните дозволи за емисии на CO2, веднаш штом биде лансиран CBAM.
Производството на електрична енергија и енергетски интензивните индустрии се одговорни за 94% од емисиите во индустријата на ЕУ. Данокот на CO2 би бил голем удар за државите од Западен Балкна, а особено оние земји чии економии сериозно се базираат на јагленот.