Пратениците на Европскиот парламент вчера со мнозинство гласови одлучија нуклеарната енергија и природниот гас да ги означат како „зелена“ енергија, што, како што известува Вашингтон пост, е внимателно следена одлука која може да ја обликува климатската политика во наредните години.
Во прашање е климатската рамка позната како „ЕУ таксономија“, која има за цел да ги насочи инвестициите кон проекти кои се во согласност со целта на 27-члениот блок да бидат климатски неутрални до 2050 година.
Во февруари, пред почетокот на воената интервенција врз Украина, Европската комисија го претстави планот, природниот гас и нуклеарната енергија да се класифицираат како „преодни“ зелени инвестиции во одредени околности, што предизвика жестока полемика.
Пет месеци подоцна, глобалната енергетска криза се интензивираше, па европските законодавци ги отфрлија приговорите на предложените правила и го усвоија предлогот на ЕК со 328 гласа „за“ и 278 „против“.
Реакцијата на критичарите стигна веднаш. Во салата се слушаа „свирежи“ кога се читаше резултатот од гласањето во седиштето на парламентот во Стразбур, пишува Вашингтон пост.
Организацијата на активистите за заштита на животната средина Гринпис ја нарече одлуката на Европскиот парламент „валкана политика“ која ќе „обезбеди повеќе пари да се слеваат во воениот буџет на (рускиот претседател Владимир) Путин“.
Во средиште на дебатата беше прашањето дали гасот и нуклеарните централи некогаш, под какви било околности, би можеле да се сметаат за одржливи или зелени извори на енергија.
Пред украинската војна, вклучувањето на гасот во „таксономијата“ беше поддржано од земјите членки на ЕУ кои сметаа дека оваа енергија треба да служи како „мост“ во процесот на напуштање на фосилните горива и зголемување на нивните капацитети за обновлива енергија.
Франција и други се залагаа нуклеарната енергија да биде означена како „зелена“, и покрај силното противење на Германија.
Против предлогот на ЕК говореа не само еколозите, туку и некои советници на ЕУ, па дури и главниот извршен директор на една група која ги претставува големите инвеститори.
Критичарите наведуваа дека напорите на Европската комисија да ги „заштити приватните инвеститори од гринвошинг“, односно лажно рекламирање производи или проекти како еколошки со цел да се стекне пазарна предност, ризикуваат да се претворат во гринвошинг во уште поголем обем.
Противниците на вклучувањето на гасот и нуклеарната енергија во „таксономијата“ изразија загриженост дека тоа ќе поттикне понатамошни инвестиции во фосилни горива и ќе ја одложи транзицијата на ЕУ кон обновлива енергија.
„Оваа одлука на Европскиот парламент ќе ја одложи очајно потребната, реално одржлива транзиција и ќе ја продлабочи нашата зависност од руските горива. Ова лицемерие е зачудувачки, но за жал не изненадува“, напиша двчера на Твитер активистката за клима и животна средина Грета Тунберг, пишува Вашингтон пост.