Европската комисија излезе со легислатива која подразбира земјите членки на ЕУ да имаат обврска да и помогнат на соседната држава во снабдувањето со природен гас на домаќинствата, болниците и социјалните установи, во случај на сериозен недостаток од овој енергент. Тој принцип на солидарност ќе биде дел од нацрт законот со кој ќе се поттикне поголемо користење на на Течен природен гас (ТПГ) во ЕУ. Во делот на набавка и снабдување со ТПГ во Европа веќе е изградена сериозна инфраструктура, но во функција е само 20% од капацитетите.
Пакетот закони од областа на енергетската сигурност се темели на стратегијата за создавање на Енергетската Унија, која би требало да ја зајакне енергетската сигурност на земјите членки и да ја гарантира борбата против климатските промени. ЕУ ќе биде поделена во девет региони на земји кои ќе мораат да работат на зајакнување на интерконективните капацитети.