Европската комисија го објави првиот повик за поднесување предлози во рамките на Иновацискиот фонд, една од најголемите светски програми за демонстрација на нискојаглеродни технологии, кој се финансира со приходите од тргувањето со емисии во системот на Европската унија. Во рамките на фондот ќе се финансираат напредни технологии за обновливи извори на енергија, складирање на енергија, зафаќање и складирање на јаглерод диоксид. Со тоа ќе се поттикне зеленото опоравување, односно отворање на нови работни места прилагодени на идните потреби, како и трасирање на патот кон климатска неутралност. “Овој повик за поднесување предлози доаѓа во вистински момент. ЕУ ќе вложи една милијарда евра во перспективни проекти кои се подготвени за пазарот, како чистиот водород или други нискојаглеродни решенија за енерегетски интензивните индустрии, како што се индустријата за производство на челик, цемент и хемиската индустрија. Овие големи вложувања ќе придонесат за повторно задвижување на економијата на ЕУ, и ќе не воведат во фазата на зелено опоравување, по кое во 2050 ќе постигнеме климатска неутралност“ изјавил првиот потпретседател Франс Тимерманс.
За периодот 2020-2023 од Иновацискиот фонд ќе се доделат околу десет милијарди евра собрани од продажбата на емисиите на јаглерод диоксид на аукцијата во рамките на ЕУ системот за тргување со емисии, вклучувајќи ги тука и неисплатените приходи од претходната програма NER 300.
Повикот за поднесување на предлози е отворен за проекти во прифатливите сектори од сите држави членки на ЕУ, како и Исланд и Норвешка. Средствата можат да се комбинираат со други иницијативи на јавно финансирање, како државни субвенции или други ЕУ програми на финансирање. Проектите ќе се оценуваат според потенцијалот за намалување на емисиите со ефект на стаклена градина, иновацискиот потенцијал, финансиската и техничката зрелост, како и економската исплатливост. Рокот за поднесување на предлозите е 29-ти октомври 2020.