Европската Комисија предложи сите нови градски автобуси од 2030 година, да имаат нулта емисии на стакленички гасови, како и намалени емисии за 90% кај новите камиони до 2040 година. Овој предлог треба да придонесе кон зацртаната цел на Европската унија до 2050 година речиси сите возила на европските улици имаат нулта емисии. Камионите, градските автобуси и автобусите за поголеми растојанија се одговорни за повеќе од 6% од вкупните емисии на стакленички гасови во ЕУ, и за над 25% од емисиите кои потекнуваат од патниот сообраќај. Со новите, построги правила би се обезбедило овој сегмент од патниот сообраќај да придонесе за премин на мобилност со нулта стапка на емисии и кон исполнување на целите на ЕУ во областа на климата. Комисијата предлага постепено воведување на построги стандарди за емисиите на јаглерод диоксид за речиси сите нови тешки возила во споредба со нивоата од 2019 година, и тоа за 45% од 2030 година, односно за 65% од 2035 година, и за 90% од 2040 година. Огромно мнозинство од тешките возила на европските улици (99%) во моментот има мотори со внатрешно согорување, главно на дизел гориво.
Комисијата ги претстави своите предлози за автобусите и тешките возила, на истиот ден кога Европскиот парламент во Стразбур ја потврди обврската за примена на нулта стапка на емисии, односно забраната за продажба на нови бензински и дизел автомобили од 2035 година. Новите стандарди за емисиите на јаглерод диоксид за автомобили, како и новиот предлог нa Европската КОмисија се дел од пакетот Fit for 55.