Европската комисија (ЕК) смета дека треба да му се посвети посебно внимание на железничкиот сообраќај во рамките на „Европскиот зелен договор“ и дека би требало 2021 година да биде Европска година на железницата. Околу една четвртина од штетните гасови со ефект на стаклена градина доаѓа од сообраќајот и тој удел постојано расте. Железницата би требало да има значајно место на агендата за 2021 година, за да се промовира како „одржлив, иновативен и безбеден облик на превоз“, соопшти ЕК на 4ти март 2020 година.
„Прогласувањето на 2021 за година на железницата доаѓа во вистинско време, односно кога на ЕУ и е потребен еден таков колективен потфат, која ќе претставува и вежба за политичка кохезија“, велат од ЕК. Според податоците од ЕУ, железницата е единствен вид на превоз кој успева да ја намали емисијата на штетни гасови со обезбедување континуитет во развојот. “Европскиот зелен договор“ предвидува 75% од товарниот сообраќај да биде префрлен од камиони на железница и копнени води. ЕК за 2021 година планира низа нз кампањи, иницијативи и настани за промовирање на патувањето со воз.