Европската комисија објави листа од 195 клучни енергетски инфраструктурни проекти од заеднички интерес (PCI), меѓу кои и пет проекти кои се однесуваат на Хрватска, најмладата земја членка. Тоа се електроенергетската интерконекција Хрватска – Унгарија – Словенија, изградбата на терминалот за ТПГ на Крк, гасната интерконекција помеѓу Словенија и Хрватска, обнова и проширување на капацитетот на Јадранскиот нафтовод и развој на паметни мрежи.
За овој вид проекти, односно проекти од заеднички интерес за земјите членки, предвидени се забрзани постапки за издавање на дозволи и подобрени регулаторни услови, а може да се добијат и финансиски стимулации во рамките на инструментот за поврзување на Европа (CEF). Во рамките на CEF, за трансевропска енергетска инфраструктура за периодот 2014-2020 доделени се буџетски средства во висина од 5,35 милијарди евра. Откако во 2013 е објвена првата листа на проекти од заеднички интерес, 13 проекти се завршени или пак ќе бидат започнати пред крај на 2015, додека според утврдената динамика до крајот на 2017 ќе бидат завршени 62 проекти.