Насловна / Вести / Европската комисија ги заострува стандардите за квалитетот на воздухот и водата

Европската комисија ги заострува стандардите за квалитетот на воздухот и водата

Загаденоста на воздухот секоја година предизвикува околу 300.000 случаи на предвремена смрт во Европа, соопштила Европската комисија, претставувајќи го новиот пакет на прописи, со кои помеѓу останатото сака во рок од десет години за 75% да ја намали оваа „црна“ статистика. Со оглед на најновите научни докази, листата на построго контролирани загадувачки материи во површинските и во отпадните води, треба да се прошири за 25 супстанции. Во предложената ревизија на Директивата за квалитетот на надворешниот воздух (AAQD), треба да се утврдат целите за стандардите за квалитет на воздухот за 2030 година и тие да се ускладат со насоките на Светската здравствена организација, и да се одреди патоказ кон намалување на загаденоста на воздухот на нула најдоцна до 2050 година, паралелно со напорите за постигнување на климатска неутралност. Комисијата соопштиле дека стандардите за квалитет на воздухот треба редовно да се прилагодуваат и ускладуваат со најновите научни докази, како и со развојот на општеството и на технологиите.

airquality1

Се предлага годишната горна граница за цврстите честички PM 2.5,  да се намали од 25 микрограми по кубен метар, на 10 микрограми.  Овде треба да се спомене дека Светската здравствена организација препорачува само 5 микрограми. Оваа ревизија ќе обезбеди право на обештетување за луѓето на кои им е нарушено здравјето поради прекумерно загадување. Инаку државниот совет на Франција, ја казни државата со 20 милиони евра бидејќи и натаму не го унапредува квалитетот на воздухот во повеќе од десет урбани подрачја, и покрај наредбата да го стори тоа уште од 2017 година.

airquality2

Исто така, Европската комисија предлага сите поголеми градови да направат интегрирани планови за управување со водите. Земјите членки на ЕУ би имале одговорност за обезбедување на водоснабдување и канализација за целото население, со нагласок на ранливи и маргинализирани групи. Бидејќи во ЕУ 92% од отровните микрогранулати во отпадните води потекнуваат од фармацевтски производи и козметика, во новиот механизам за Проширена одговорност на производителите  тие субјекти би биле должни да ги покриваат трошоците на отстранување на тие супстанции во согласност со принципот „загадувачот плаќа“, а исто така би биле уведени и субвенции за истражувања и за развој на нетоксични производи. Европските комесари бараат подетално следење на присуството на PFAS, еден од сегментите на т.н вечни хемикалии,  а на списокот да се стават бисфенол А, глифосат како и некои аналгетици и антибиотици. Стандардите за 16 загадувачки материи меѓу кои се и тешки метали и индустриските хемикалии ќе бидат ажурирани (главно заострени), а ќе бидат избришани четири полутанти кои веќе не се закана на ниво на целата ЕУ. Наведените предлози сега треба да се разгледуваат од страна на Европскиот парламент и Советот на ЕУ.

 

Испрати коментар

Scroll To Top