Европската комисија неодамна издаде дозвола за десет нови генетски модифицирани култури за исхрана на луѓето и животните, како и за две ГМО култури кои не се за исхрана (цвеќиња), и ги продолжи дозволите на седум други ГМО култури. Тоа се првите новоиздадени дозволи за ГМО по повеќе од две години на преиспитување на процесот што доведе до блокирање на издавањето на нови дозволи. Дозволите се однесуваат на увозот а не на продажбата. Во Европа, активистите за заштита на животната средина се против ГМО културите, додека производителите настојуваат да ја уверат јавноста дека ГМО културите се сосема безбедни.
ГМО културите кои добија дозволи на 24 април, ќе се најдат на листата на која веќе има 58 одобрени односно дозволени ГМО производи на територијата на ЕУ, а се однесуваат на исхраната на луѓето или животните (пченка, памук, соја, маслена репка, шеќерна репка). Дозволите се издаваат со времетраење од десет години и за секој продукт кој ќе биде произведен од ГМО ќе важат прописите на Европската Унија за означување и следливост.
Мислењата во врска со ГМО во Европа се и понатаму поделени, додека во Азија и Америка ГМО културите се одгледуваат на огромни површини.