Европската граѓанска иницијатива покрената на почетокот на февруари годинава, ги собра потребните еден милион потписи на граѓаните од Европската Унија, и ја повикуваат Европската комисија да предложи забрана на употребата на глифосат во земјите членки, да спроведе реформа во постапките за одобрување на пестициди, и да утврди квантифицирани обврски за намалување на употребата на пестициди.
Инаку, глифосат е најчесто користена хемикалија во земјоделството која се сретнува кај хербицидите, односно препаратите за уништување на пиреј и други непожелни билки. Во 2014 година искористени се 825.000 тони глифосат, а глобалната продажба на годишно ниво достигнува девет милијарди евра. Освен во земјоделството, се користи и на јавните градски површини, но и приватни градини.