Градежната компанија „Адора Инженеринг“ во Париз ја доби престижната Меѓународна европска награда за квалитет од Клубот на глобалните бизнис и трговски лидери на свеченост во присуство на 150 бизнисмени од пет континенти во светот.
„Ова високо признание е меѓународна афирмација за компанијата и за Македонија, како и потврда за поволната бизнис клима во државата за развој на успешни бизнис приказни како што е случајот со Адора Инженеринг. За Адора Инженеринг, ова интернационално признание е потврда дека сме на вистинскиот пат во развојот и мотив и натаму да применуваме иновации и најнови светски стандарди и технологии во изградбата на еко домови за висококвалитетно домување на граѓаните на Македонија“, истакна по повод наградата генералниот директор на компанијата, проф. д-р Ванчо Чифлиганец.
На настанот, пред присутните гости компанијата се претстави со новата публикација и корпоративниот видео филм за компанијата на англиски јазик. За успешната изградба на енергетски ефикасните домови А-класа, со докажана геомеханичка и асеизмичка стабилност и европски квалитет, првите честитики за Адора Инженеринг на форумот во Париз, како што информираат од компанијата, пристигнале од грчки бизнисмен, кој изјавил дека нема граници за бизнис соработка меѓу Грција и Македонија.
Наградата во Париз доделена од Клубот на глобалните бизнис лидери со 7.500 претприемачи од 95 држави во светот е трето високо меѓународно признание за Адора Инженеринг, која во мај годинава од овој клуб ја доби интернационалната награда за градежништво во Мадрид, Шпанија, а во 2012-та ги доби наградите за најуспешна компанија и најуспешен менаџер од Европската бизнис асамблеа во Виена, Австрија.