Европската комисија објави повик за поднесување на предлози во склоп на Инструментот за поврзување на Европа (CEF) во областа на сообраќајот, со кој се ставаат на располагање над пет милијарди евра за европската сообраќајна инфраструктура. Со средствата ќе се поддржат проекти во сите земји членки на Европската унија во склоп на трансевропската сообраќајна мрежа (TEN-T), железничката мрежа, внатрешните пловни патишта, пристаништа и автопатишта кои ја поврзуваат Европа.
Проектите ќе и помогнат на Европа да ги оствари целите од Европскиот зелен план, односно намалување на емисиите од сообраќајот за 90% до 2050, а ќе придонесат и за создавање на меѓусебно поврзан мултимодален сообраќаен систем за патници и за товар. Целта е ценовно прифатлива, сигурна и ефикасна железничка мрежа, подобрена пловидба и инфраструктура во морските пристаништа, урамнотежена поврзаност на различните начини на транспорт, како и поголема автоматизација и интероперабилност заради посигурна сообраќајна мрежа во целост.