Естонската компанија UP Catalyst, обезбедила кредит од 18 милиони евра од Европската инвестициона банка (EIB), за развој на својата пионерска технологија за претворање на CO2 во вредни јаглеродни материјали – како графит и карбонски наноцевки. Оваа инвестиција е дел од напорите на ЕУ да ја намали зависноста од увоз на критични суровини и да ги постигне своите климатски цели. Кредитот кој го одобрила EIB, ќе овозможи премин од пилот фазата на индустриско производство. Компанијата планира да ги прошири своите производни капацитети за да одговори на растечката побарувачка од локално произведен и ценовно конкурентен графит, како и да ги зајакне истражувачките и развојните активности, да ги унапреди перформансите на материјалите и да ја забрза комерцијализацијата на технологијата. UP Catalyst ја користи технологијата MSCC-ET. Станува збор за комбинирање на зафаќањето на јаглерод диоксид и негова електрохемиска трансформација со помош на растопени соли. Со овој процес се добива ценовно конкурентен, висококвалитетен и енергетски ефикасен графит и карбонски наноцевки, материјали кои се користат во производство на батерии, бои и премази, полимери и бетони.
Графитот се наоѓа на листата на стратешки суровини на ЕУ. Има значајна улога во производството на батерии. Според некои проценки, глобалниот дефицит во снабдувањето со графит до 2030 година ќе достигне речиси 800.000 тони, а се очекува Европа да сочинува околу 15% од тој недостаток. UP Catalyst порачал дека со помош на својата технологија може да покрие 50% од европскиот дефицит, благодарение на планираното ширење на производството. Компанијата исто така потврдила дека нејзиниот графит ги задоволува квалитативните стандарди на фосилните алтернативи, со што се отвора можност за негова употреба како одржлива замена во индустријата за складирање на енергија и одбрамбениот сектор. Европската комисија во март го прогласила проектот на фирмата UP Catalyst за стратешки, според својот Закон за критични суровини (CRMA).
Со поддршка на EIB, UP Catalyst планира до 2027 година да ги прошири производните капацитети на 270 тони карбонски наноцевки и 1.350 тони зелен графит годишно, за што ќе биде потребно околу 6.000 тони CO2 годишно. До 2030 година, компанијата планира да изгради постројка која ќе може да произведе 60.000 тони јаглеродни материјали годишно, користејќи околу 250.000 тони CO2.