Трите фотоволтаични централи инсталирани на кровните конструкции на „Европа 92“, за една година имаат произведено околу 180.000 киловатчасови електрична енергија. Мошне значајни се и ефектите од еколошки и просторен аспект.
Компанијата „Европа 92“ прва во крајниот источен дел на Македонија инвестираше во ефектуирање на сончевите зраци за производство на електрична енергија. За релативно кус временски период, на кровните конструкции на фабрикатасе поставени три фотоволтаични централи со 665 панели, чија вкупна моќност изнесува 150 киловати. Вкупната инвестициска вредност надминува 310.000 евра.
– Соочени со современите текови за искористување на обновливите извори на енергија,нашите стратешки определби ги насочивме кон искористување на сончевата светлина за производство на електрична енергија. Суштински аргумент за тоа е и фактот што Кочани, во просек со 299 сончеви денови во годината, нуди извонреден потенцијал на обновлива енергија. За таа цел, прво инсталиравме една фотоволтаична централа со 269 панели и планирана моќност од 50 киловати.
Тоа ни овозможи самите да се увериме во повеќекратните ефекти кои ги остваривме уште на стартот на нејзиното искористување. Охрабрени од придобивките, инвестиравме во уште две фотоволтаични педесеткиловатни централи, при што максимално го искористивме просторот на кровните конструкции на нашите производствени сали, – истакнува Влатко Димитровски, генерален менаџер на „Европа 92“.
– Произведените киловатчасови електрична енергија и еколошките ефекти сами по себе ја потврдуваат оправданоста од инвестицијата. Во 2014 година, која ја карактеризираа надпросечно врнежливи денови, трите фотоволтаични централи произведоа околу 180.000 киловатчасови електрична енергија, при што две од нив беа вклучени во системот по 10 месеци. Кога овие количини електрична енергија би се произвеле на класичен начин, тоа би значело емитување на над 55 тони СО2 во атмосферата, со што би се додала уште една капка во прелеаната чаша на загаденост на планетата Земја.За нас како компанија е значајно што не заробуваме дополнителен простор, односно земјиште, за поставување на фотоволтаичните панели, туку ги искористуваме површините на кровната конструкција, кои ни носат додатни економски ефекти, – додава на крајот од разговорот Димитровски.
Во „Европа 92“ размислуваат за понатамошни инвестиции во енергетиката, особено во искористувањето на обновливите извори на енергија. Притоа, позитивните искуства со производството на електрична енергија од сонцето, сами по себе се препорака и други фирми во регионот да се охрабрат во инвестирање во овој исплатлив бизнис.