Најпогодените населени места од големото невреме во скопскиот регион добиваат електрична енергија, информираат од ЕВН.
Екипите на ЕВН Македонија под напон ги ставаат трафостаниците во селата Стајковци, Смиљковци, Инџиково, Сингелиќ, Економија, како и населбите Ченто, Илинден и др. Се приклучува трафостаница по трафостаница и корисник по корисник со цел да се избегнат несакани последици по животот и имотот на граѓаните.
„Се апелира до граѓаните да ги спуштат надолу осигурувачите ако имаат нови спратни табли или да ги извадат осигурувачите ако имаат од постариот тип на спратни табли. Ова мора да се почитува за да се избегнат несакани последици бидејќи во домовите има мокри ѕидови и влажни електрични апарати и кабли. За да се избегнат несреќи од ваков вид граѓаните да не преземаат ништо на своја рака и да бидат во целосна координација со екипите на ЕВН Македонија“, велат од компанијата.
Делот од населените места каде немаше големи поплави веќе е под напон, освен одредени улици каде проводниците и трафостаниците сѐ уште се под вода. Во кризниот регион под напон се над 10.000 корисници. Без напон може да останат само местата каде не е безбедно да се пушти напон и корисниците кои сами не сакаат да бидат приклучени додека не ја санираат внатрешната инсталација.
Интензивно се работи и на оспособување на уличното осветлување во критичните региони за екипите кои ги расчистуваат шутот и водата од домовите и улиците да може да работат и во ноќните часови.
Екипите на ЕВН ќе останат постојано на терен во најкритичниот регион со над 80 електромонтери, вклучувајќи и надворешни фирми партнери на ЕВН со кои ќе работат заедно со полицијата, војската, волонтерите и другите јавни претпријатија на расчистување на последиците од невремето.
Во претходинте денови ЕВН Македонија донираше агрегати со чија помош се обезбеди осветлување за една амбулнта и други специфични објекти во кризниот регион, а донираше и парични средства на жиро сметката на Црвениот крст за помош на граѓаните од поплавените подрачја во скопскиот и тетовскиот регион.