Министрите на ЕУ и официјално ги поддржаа построгите цели за намалување на загадувањето на воздухот од 2030 година, во обид за подобра заштита на здравјето на луѓето и животната средина. Речиси 300.000 смртни случаи годишно во ЕУ може да се припишат на здравствените последици од загадувањето на воздухот, што го прави „најголем здравствен ризик за животната средина во Европа“, соопшти ЕУ.
Новите ограничувања ќе се однесуваат на честичките на PM10 и PM2,5, азотни оксиди и сулфурен диоксид. Граѓаните ќе имаат право на надомест доколку се разболат поради надминување на граничните вредности на овие загадувачи. Членките на ЕУ можат да побараат одложување на поставениот рок, но само под одредени услови. Новите ограничувања се дел од договорот постигнат помеѓу претставниците на Европскиот парламент и државите членки на ЕУ, во февруари оваа година. Државите членки имаат рок од две години да ги транспонираат новите правила во националното законодавство. Земјите кои нема да се придржуваат на ограничувањата, ќе бидат парично казнети.