Euractiv го објави европскиот документ подготвен за Генералниот директорат за климатски промени, со кој треба да се заострат критериумите во ЕУ Директивата од 2009 година за зафаќање и складирање на јаглеродниот диоксид (CCS- Carbon Capture and Storage).
Со овој документ се сугерира на европските држави да воведат задолжителни мерки за инсталирање на постројки за зафаќање и складирање на јаглерод диоксид. Притоа, од европските држави се бара да подготват листа со потенцијални локации за инсталирање на такви постројки. Graeme Sweeney, директорот на Европската технолошка платформа за нула емисии, истакнува дека поставените цели треба да бидат навистина амбициозни.
До 2030 година треба да се складираат 220 милиони тони CO2 ширум Европската Унија. Веројатно 3/4 од оваа количина ќе потекнуваат од енергетскиот сектор, а остатокот од индустриски извори како што се челичарниците, индустријата за цемент и производството на алуминиум.
Експертите се согласуваат дека би било добро ЕУ да усвои политики кои би дале сигурност на донесувачите на одлуки, дека во CCS технологијата вреди да се инвестира. Европската комисија очекуваше дека во Унијата веќе ќе бидат изградени 12 големи CCS постројки, но во Европа се изградени само две (во Норвешка која не е членка на Унијата). Вкупно во светот има 13 вакви постројки.