Насловна / Вести / ЕУ постигна согласност за намалување на емисиите на штетни гасови

ЕУ постигна согласност за намалување на емисиите на штетни гасови

europe-air-pollution-health

Шефовите на држави или влади на членките на Европската Унија синоќа во рамки на Самитот на Европскиот совет, се согласија за климатски и енергетски договор за Европа за периодот 2020 – 2030 година, јави дописникот на МИА од Брисел.

Рано утринава, претседателот на Советот, Херман ван Ромпуј, објави дека првите луѓе на 28-те ЕУ-земји немале лесна дискусија, но успеале да донесат фер одлука, што ја става Европа на амбициозен, но ефективен климатски и енергетски пат. Климатските промени, според Ван Ромпуј, се еден од најголемите предизвици на човештвото и на крајот на краиштата, ова прашање е за опстанок и е пример за долгорочна политика.

Првa климатската цел на тој пат, а која е обврзувачка, е до 2030 година намалување на барем 40 проценти од емисиите на гасовите што го предизвикуваат ефектот на стаклена градина на нивото од 1990 година, одлучи Европскиот совет. Втора цел е чиста енергија, при што шефовите на државите и владите на ЕУ се заложија до 2030 година најмалку 27 отсто од енергијата да доаѓа од обновливи извори. Станува збор за учество во вкупната потрошена енергија и целта е обврзувачка на ниво на ЕУ. Ова е област каде што технологијата се менува брзо и каде што сè уште е рано да се предвиди како однесувањето ќе се промени, па некои од деталите се за подоцнежна фаза. Ова е амбициозна цел, бидејќи во моментов во ЕУ уделот на обновливите извори на енергија изнесува околу 14 проценти.

Трета цел е заштеда на енергија. Заложбата е за зголемување од најмалку 27 отсто во енергетската ефикасност, оваа бројка е индикативна и се споредува со проекциите до 2030 година врз основа на тековната потрошувачка и технологија. Тоа ќе биде прегледано од 2020 година, со оглед на нивото од 30 проценти во ЕУ. Заштедата на енергијата ќе се менува според однесувањето и иновациите и по примерот на данските домаќинства, со „исклучување на светлата“ и „подобри светилки“. Енергетската ефикасност може да има трошоци, но исто така има реални придобивки, во смисла на иновација, истражување, нови работни места, како на пример во градежниот сектор. Заштедата на енергијата, исто така, е најсигурниот начин за намалување на нашата енергетската зависност.

Четврта цел поставена од Европската Унија е енергетското поврзување. Целта е да се има електрична енергија за интерконекција во вредност од 15 проценти до 2030 година. Ова значи дека за секое производство на 100 мегавати струја, земјата-членка треба да има инфраструктура што ќе биде во можност за увоз или извоз на 15 мегавати во соседните земји. Интерконекциите се и осигурување во случај домашното производство на енергија да има надолен тренд, а исто така се важен дел од енергетскиот пазар и помагаат за натпревар во понудата и побарувачката преку границите.

Испрати коментар

Scroll To Top