Насловна / Вести / ЕУ планира да вложи 500 милијарди евра во нуклеарна енергија до 2050 година

ЕУ планира да вложи 500 милијарди евра во нуклеарна енергија до 2050 година

Европскиот комесар за внатрешен пазар Thierry Breton, во интервјуто за францускиот неделник Le Journal du Dimanche, истакнал дека нуклеарната енергија е еден од векторите на енергетската транзиција и дека поради тоа не може да се исклучи од зелената таксономија. „Само за постоечките нуклеарни електрани во ЕУ ќе бидат потребни 50 милијарди евра инвестиции до 2030 година, а 500 милијарди евра до 2050 година за постројките од новата генерација“, истакнал комесарот Breton. Според тоа, произлегува дека се неопходни вложувања од 20 милијарди евра годишно во нуклеарната енергија. Европската комисија поднела предлог до земјите членки за вклучување на нуклеарната енергија и гасот во зелената таксономија на Европската унија. До крајот на јануари се очекува и гласање за конечната верзија на документот во Европскиот парламент. Breton ја истакнал потребата од нуклеарна енергија и поради растечката побарувачка во Европа на јаглеродно неутрална енергија.

taxonomy1

„За да дојдат емисиите на јаглерод на „нула“, потребно е да се забрза јаглеродно неутралното производство. Со оглед дека во наредните 30 години, побарувачката за електрична енергија ќе се удвои, неопходни се значителни вложувања во зголемување на производните капацитети, а тоа подразбира инвестирање во обновливи извори, како и во нуклеарна енергија. Денес, 26% од електричната енергија произведена во ЕУ е од нуклеарно потекло. Со оглед на започнатата енергетска транзиција, нуклеарната енергија до 2050 година ќе има удел од најмалку 15%“, рекол Breton, со забелешка дека тоа ќе зависи и од расположивоста на другите извори на енергија.

taxonomy2

„Енергетската транзиција кон обновливите извори на енергија ќе доведе до индустриска револуција од огромни размери“, вели комесарот. Тоа ќе предизвика и конкуренција во финансирањето и трка за инвестиции. За обновливите извори на енергија треба да се мобилизираат по 65 милијарди евра годишно. Покрај тоа, ќе бидат потребни и дополнителни 45 милијарди евра годишно за вложувања во мрежна инфраструктура“, рекол Breton.

Европската комисија со предлогот за таксономија ја класифицираше нуклеарната енергија како привремена алтернатива на фосилните горива. Сепак, предлогот не предвидува никакво временско ограничување за новите постројки и за напредно производство кое генерира пониско ниво на отпад.  Постојат три главни развојни правци. Првиот предвидува проширување на најголемиот дел од 103-те нуклеарни реактори, колку што во моментов се активни во Европа. Тие проекти согласно зелената таксономија би имале пристап до финансирање до 2040 година. Вториот правец е развој на реактори од третата генерација, според правилата на вложување во зелена таксономија до 2045 година. Се појавува и нова технологија на мали модуларни реактори (SMR), кои исто така се опфатени со таксономијата.

taxonomy3

Новата таксономија би била важечка од 2023 година, доколку документот биде усвоен. Поддршката на овој предлог највеќе ја заговара Франција, но постои и изразено и гласно противење на одредени членки, првенствено Германија и Австрија. Овие земји се противат на нуклеарната енергија поради страхувања од потенцијални инциденти и проблемите со одлагање на нуклеарниот отпад. Од друга страна, приврзаниците тврдат дека нуклеарните електрани ќе имаат најмодерни технологии и безбедносни стандарди, со стриктни правила за одлагање на отпадот. Сепак, земјите членки суверено донесуваат одлуки за нуклеарната енергија. Половина од членките на ЕУ се определила да ги вклучи нуклеарките во енергетската транзиција. Заедничката европска цел е целосна декарбонизација до 2050 година.

 

Испрати коментар

Scroll To Top