Еден од приоритетите на планирањето на ЕУ за вонредни ситуации е да се носи со различни сценарија на намалување на испораката на природен гас од Русија. „Газпром“ е најголемиот европски снабдувач со природен гас – од Русија се обезбедува околу 40% од увозот.
Зависноста на ЕУ од рускиот гас во актуелниве геополитички околности се смета како кочница за ЕУ да примени казнени санкции кон Русија. Високите претставници на ЕУ во последните недели се во дипломатска офанзива насочена кон големите производители на Течен Природен Гас (ТПГ). Некои се обратиле до САД, Азербејџан и Катар за дополнителни испораки. Европската комесарка за енергетика Кадри Симсон, рекла дека Азербејџан покажал „јасна подготвеност“ да ја поддржи ЕУ во случај на прекин на нормалната испорака на гас. Се очекува слична поддршка и од САД за капацитетите за ТПГ. Се бара можност потенцијалните извори на снабдување со ТПГ да бидат проширени и со Нигерија. Од Брисел секако порачуваат дека интензивно се работи на начини за „задржување на стабилноста и оптималното функционирање на енерегeтските пазари“.