Европската комисија го одобри големиот проект во вредност од 214,9 милиони евра, од кои 134,6 милиони евра од Европскиот фонд за регионален развој (ЕРДФ), за надградба на аеродромот во хрватскиот приморски град Дубровник, како дел од трансевропската транспортна мрежа (ТЕН-Т).
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, проектот се очекува да ја подобри меѓународната и националната достапност на Дубровничко-Неретванската Жупанија и да има директна корист за хрватската економија.
– Имав можност лично да ги видам работите на проширувањето на аеродромот во Дубровник во мај, и верувам дека е предводник на проект на инвестициските фондови во транспортот. Ова е голема вест за бизнисот, туризмот и за сите што ќе го користат аеродромот, – изјави еврокомесарката за регионална политика, Корина Крецу.
Кофинансираните работи од ЕУ на дубровничкиот аеродром се очекува да го зголемат капацитетот на аеродромот, кој во моментов работи близу до својата максимална способност. Аеродромот ќе биде во можност да се справи со повеќе патници, а обработката на податоците на патниците и времето на чекање се очекува да се намали.
Новата терминална зграда на аеродромот во хрватскиот приморски град Дубровник, се очекува да ги исполни барањата за Шенгенскиот граничен код, а овој голем проект е кофинансиран во рамки на оперативната програма 2007-2013 на Европската Унија за транспорт.