Европската комисија смета дека е неопходна нова, поригорозна политика во врска со квалитетот на храната што се декларира како органска. Оваа гранка од земјоделството во последните години доживеа исклучителен раст, а годишниот приход е околу 20 милијарди евра. Според податоците на ЕУ, во моментот постојат 186.000 органски фарми на територијата на Унијата.
Од друга страна, пак, се поставува прашањето колку навистина се овие производи органски? Скандалите во био-браншата се зачестија, а јасните и транспарентни правила се повеќе од потребни. „Мора да се засили довербата на потрошувачите, а меѓу другото мора да се заострат и контролите“, смета одговорниот еврокомесар Дачијан Чолос. „Треба повеќе да се поттикнуваат производителите на прехранбени производи, самите да прават сè што можат, да внимаваат на нормите за производство на храна, хигиенските стандарди и ознаките“, категоричен е Чолос. Европската комисија бара и подобар надзор на увозот од трети земји и воведување на заеднички стандарди. Комисијата сака и повеќе да се инвестира во истражувања и развој.
Предлозите на Европската комисија се само првиот чекор. Сега Европскиот парламент и земјите членки треба да ги одобрат. Веќе постојат забелешки дека овие предлози би можеле да им го направат животот на земјоделците потежок. Се укажува на фактот, дека еко-земјоделците би можеле да бидат огорчени од прекумерната бирократска регулираност на производството, па да ја загубат желбата за еколошко производство. Но, целта е потрошувачите да бидат заштитени.