Европската Комисија неодамна започна темелни истраги поради индициите дека кинеските производители LONGi и Shanghai Electric, кои настапуваат на голем тендер за соларни паркови во Романија, имаат неправична предност пред конкурентите. Извршната потпретседателка на Европската Комисија за Европа прилагодена на дигиталното време и комесарка за конкуренција Маргрете Вестагер, објавила дека во фокус дошле и кинеските субвенции за секторот ветерни турбини. Таа во својот говор во Принстон во Њу Џерси, не ги именувала кинеските снабдувачи, кои веќе се на мета на новите истраги. Вестагер рекла дека постапката се однесува на условите за развој на ветерни паркови во Шпанија, Грција, Франција, Романија и Бугарија.
И Европа и САД зависат од трети земји во набавката на опрема за клучни технологии и суровини потребни за истата да се произведе. Кина во оваа област изгради силни позиции бидејќи не играла секогаш фер, рекла Вестагер. Комесарите ги одбиле барањата на европските производители на соларни панели и пратечка опрема да воведат царини на кинескиот увоз. Од друга страна, изгледа дека ќе се потпрат на стандардите за влијанието врз животната средина, заедно со работничките права и уште некој механизам. Меѓу нив е и новиот Пропис за странски субвенции, врз кој се базира процесот против снабдувачите на соларни панели и ветерни турбини. Турција пред седум години вовела антидампинг мерки на својата граница со цел да го ограничи увозот на соларни панели од Кина. Неодамна ги проширила на пет други земји, со цел да спречи посредно пробивање на кинеските производители преку овие земји.
Во една истрага, ЕУ го опфаќа и учеството на кинеската државна компанија CRRC на јавен тендер за возови во Бугарија, по што оваа компанија се повлекла. Исто така, договорите на кинески компании за проекти на ветерни електрани во Србија и во Босна и Херцеговина, предизвикаа негодување во Брисел. Кинеските производители ги нудат своите ветерни турбини во Европа по цени и до 50% пониски од оние по кои се продава опремата произведена во Европа.