Европската комисија го усвои пакетот од 12 нацрт закони за секторите: климатски промени, енергетика, користење на земјиштето, сообраќај и оданочување, со цел до 2030 година да се достигне зацртаната цел од 55% намалување на емисиите на гасови со ефект на стаклена градина, и Европската унија да биде климатски неутрална до 2050 година. Пакетот прописи ќе овозможи реализација на Европскиот зелен договор. Пакетот Fit for 55 предвидува решение со кое се забранува продажба на нови дизел и бензински автомобили од 2035 година, се оданочува авионското гориво, се воведува CO2 данок на увозот на железо, челик, цемент, ѓубрива, алуминиум и електрична енергија, се воспоставува посебен систем за трговија со CO2 емисии од патниот сообраќај и греењето, се заострува постоечкиот ЕУ Систем за тргување со емисии (EU ETS) и истиот се проширува на поморскиот сообраќај, а се зголемува и целта за уделот на обновливите извори на енергија од 32% на 40%. Неколку податоци го илустрираат размерот на промените кои пакетот Fit for 55 има намера да ги постигне: до 2019 година ЕУ ги намалила емисиите за 24% во однос на нивото од 1990 година, а сега и е потребно намалување од 55% до 2030 година, и 100% до 2050 година.
За да почнат да се применуваат мерките кои ги предвидува пакетот Fit for 55, потребно е Европската комисија, 27 земјите членки и Европскиот парламент да постигнат договор. Следните месеци, можеби и години. ќе следуваат преговори. Европската комисија го повикала Европскиот парламент и Советот на ЕУ, што побрзо да започнат преговори за предложените нацрти на законите, со цел во најкраток рок да стапат на сила. Економијата базирана на фосилните горива нема иднина, изјавила Ursula von der Leyen, претседателката на Европската комисија, и додала дека ЕК сака на наредната генерација да и остави здрава планета, како и одржливи работни места и раст кој нема да и штети на природата.