Европската комисија соопшти дека подготвила нова Уредба за координирани мерки за намалување на потрошувачката на природен гас, со која на сите земји членки на ЕУ им се псотавува цел да ја намалат потрошувачката за 15% во периодот од 01.08.2022 до 31.03.2023 година. Новата уредба, доколку добие поддршка од земјите членки на ЕУ, исто така и дава на Комисијата можност да прогласи „предупредување за Унијата“ (Union Alert) во врска со сигурноста во снабдувањето и да наметне задолжително намалување на потрошувачката за сите членки.
Ursula von der Layen, претседателката на Европската Комисја, изјави дека е многу веројатно сценарио со целосен прекин на испораката на руски гас. Министрите за енергетика се состануваат утре (26.07.2022) со цел да го одобрат споменатиот предлог на Комисијата.
Европскиот план за намалување на побарувачката од гас дефинира мерки, принципи и критериуми за координирано намалување на потрошувачката. Планот се базира на замена на гасот со други горива и заштеда во сите сектори. Снабдувањето ќе биде загарантирано за домаќинствата и важните институции, како што се болниците, но и индустриите пресудни за обезбедување на основни производи и услуги во економијата, за синџирите за снабдување и конкурентноста на ЕУ, соопштува Комисијата. Притоa се истакнува дека преминот на јаглен, нафта или нуклеарна енергија можеби ќе биде неопходен, но само како привремена мерка. Главните идеи на планот се:
- Замена на природниот гас како гориво, со приоритет на обновливи и почисти горива
- Промовирање на заштеди на гасот, со цел истиот да се зачува за греење и производство на електрична енергија во текот на зимата
- Поттикнување на намалување на потрошувачката во индустријата
- Пониски температури на греење преку кампањи за подигање на свеста
- Определување приоритети кај индустриските сектори во случаи на намалена испорака на гас